Остров полн со злато и стратешки непроценлив сака да се отцепи од својата матична земја и има необична понуда за американскиот претседател Доналд Трамп . Имено, островот Бугенвил, кој е дел од Папуа Нова Гвинеја , не така одамна упати интересна понуда до Трамп: „Дајте ни независност, а за возврат ќе станеме нова американска територија“.
Таквата понуда би можела да биде привлечна за Трамп бидејќи на Бугенвил има рудник за злато. Покрај тоа, овој остров има стратешка вредност со оглед на неговата позиција во Пацификот, пишуваат британските медиуми.
Сепак, иако веста е повторно актуелна, таа не е нова. Имено, островот му е понуден на Трамп од октомври минатата година, пред актуелниот американски претседател по вторпат да влезе во Белата куќа.
Ишмаел Тороама , поранешен командант на бунтовниците, потоа му пријде на Трамп барајќи од него да ја поддржи независноста на островот.
„Бугенвил сака независност. Тоа е само прашање на време“, рече тој, поставувајќи ја 2027 година како краен рок за постигнување на целите. Во Трамп најде одличен партнер кој ќе му помогне да ја постигне таа цел.
Иако многумина, вклучително и американскиот претседател, никогаш не слушнале за овој остров, тој е дом на сериозно минерално богатство. Тој е дом на рудникот Пангуна, кој некогаш бил еден од најголемите извори на бакар и злато. Според проценките, во тој рудник има 5,84 милиони тони бакар и 566.000 килограми злато! Сите заедно, зборуваме за 60 милијарди долари, во денешната пазарна вредност.
Покрај тоа, поради своите минерални резерви и локацијата северно од Австралија, островот се смета за пригоден имот во светлината на кинеско-американскиот антагонизам.
Иан Камиш, австралискиот висок комесар за Папуа Нова Гвинеја, не е убеден.
„Мислам дека нема да биде од голем интерес. Но, од геополитичка гледна точка, независен Бугенвил може да биде корисен или за САД или за Кина“, изјави Кемиш за британски Сан.
Иако 98 проценти од населението ја поддржува независноста, патот до целосна независност е долг и кривулест. Парламентот на островот не планира да дозволи одвојување на тој регион богат со минерали, пренесува Јутарњи.
„Парламентот не го сака тоа. Партиите досега избегнуваа конфронтација, но се уште има голема тензија“, вели Кемиш.
Тензиите се вкоренети во крвавата историја. Бугенвил прогласи независност во 1975 година, но беше проголтан од Папуа следната година, а потоа граѓанската војна траеше од 1988 до 1997 година. Илјадници луѓе загинаа.
Мирот беше склучен во 2001 година и тогаш беше договорен референдум на островот. Се одржа во 2019 година, но правната независност зависи од одобрението на парламентот и таму нема голем интерес процесот да се доведе до крај.
Кога Папуа Нова Гвинеја го пропушти рокот за ратификација на референдумот во 2023 година, сомнежите почнаа да растат.
„Тие веруваат дека е загрозен територијалниот интегритет на земјата. Ако еден дел си замине, ќе следат и други“, заклучи Кемиш.
Рудникот Пангуа беше уништен за време на граѓанската војна, но денес е столбот на сонот за економска независност.
Сакаме да го отклучиме нашиот потенцијал. Никој нема да го спречи нашиот народ“, рече Тороама.
Островот е дом на 300.000 луѓе и доколку се отцепи би бил меѓу најмалите земји во светот. Нивните најблиски соседи се Соломонските Острови, кои се веќе поволни за Пекинг.
Иако понудата на Бугенвил датира од крајот на минатата година, доколку Трамп деновиве го читаше британскиот печат, тој би можел да биде заинтересиран за предлогот. Американскиот претседател веќе изрази желба за проширување на територијата на САД. Зборуваше за тоа како ќе го земе Гренланд, и рече на Канада дека треба да стане нова сојузна држава. Бугенвила практично му се нуди на послужавник, со значајна мамка – рудник за злато.