Осум дена притвор за родител кој нападна деца за време на фудбалски натпревар во Штип

Осум дена притвор за 43-годишниот родител од Скопје кој вчера физички нападна двајца млади фудбалери за време на фудбалскиот натпревар за генерацијата 2009-2010 помеѓу клубовите „Скопје“ и „Брегалница“ на стадионот „Бело Брдо“ во Штип.

Судијата на претходна постапка и портпарол на Основниот суд во Штип, Сашко Георгиев, за Новинската агенција потврди дека на лицето од Скопје, А.А., му е одреден притвор од осум дена, по што ќе следи скратена постапка. Осомничениот ќе биде испратен во затворот во Куманово.

Основното јавно обвинителство – Штип денес поведе постапка против едно лице за сторено кривично дело – Насилство по член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот извршил насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Скопје“. Со своите постапки ја загрозил безбедноста на две деца родени во 2010 година, играчи на екипата „Брегалница“, нанесувајќи им телесни повреди. Покрај тоа, предизвикал чувство на несигурност, закана и страв кај оштетените, останатата присутна публика и јавноста“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) треба да ја објави и одлуката за тоа какви дисциплински мерки ќе бидат преземени за овој настан во Штип во текот на денот.