Осум дена притвор за хирургот од Битола кој беше фатен како прима поткуп

Осум дена притвор му е изречена на хирургот М.С.(64), кој беше уапсен за примање поткуп од 150 евра во Клиничката болница во Битола, потврдија од Обвинителството. На 28 јануари околу 17 часот, битолската полиција во просториите на Клиничката болница во Битола го привела М.С., хирург подолго време на Одделот за хирургија во болницата.

Според Обвинителството, сомнежот произлезе од тоа што на 27 јануари осомничениот како лице кое врши работи од јавен интерес, поточно како хирург во Одделот за хирургија при Клиничката болница во Битола, извршил хируршка интервенција, а потоа индиректно преку сведок побарал од синот на пациентот да му даде пари во износ од 150 евра за да го награди за сработеното.

Следниот ден во болница момчето на осомничениот му дало три банкноти од по 50 евра во плик. По нивното прифаќање, осомничениот бил претресен и овластени службени лица од Секторот за внатрешни работи Битола ги пронашле и ги одзеле парите.

Од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола соопштија дека за случајот ги известила и Државната полиција Битола и ги охрабрува истражните органи да постапуваат на транспарентен и законски начин.