Амбасадата на Република Казахстан во Република Северна Македонија вчера беше официјално отворена во Скопје со свечена церемонија, по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Скопје и Астана.
Амбасадорот на Казахстан, Сатибалди Буршаков, во својот говор нагласи дека отворањето на Амбасадата претставува историски момент во односите меѓу двете земји.
„Сведоци сме на историски момент во односите меѓу Северна Македонија и Казахстан, бидејќи е 30-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи. Изминатата година беше полна со активности и можам да кажам дека постигнавме заеднички резултати. Овој настан претставува важен чекор кон зајакнување на врските меѓу нашите земји“, изјави Буршаков.
Тој нагласи дека соработката се продлабочува во бројни сектори, вклучувајќи ја енергетиката, здравството и технологијата.
Како дел од активностите, тој ги спомена и средбите со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, како и иницијативите за регионална соработка со градовите Куманово и Караганда.
„Нашата заедничка историја, откако двете земји стекнаа независност во 1991 година, постави силна основа за партнерство што продолжуваме да го градиме денес. Убедени сме дека пред нас се отворија нови хоризонти и дека заедничките иницијативи ќе продолжат да ги зајакнуваат нашите односи“, додаде амбасадорот.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја поздрави одлуката на Казахстан да отвори резидентна амбасада во Македонија, опишувајќи ја како „пријателски и позитивен чекор“.
„Во последните години бевме сведоци на напредокот на нашиот политички дијалог, унапредувањето на економската соработка и зајакнувањето на меѓународната поддршка. Отворањето на резидентната амбасада е јасен израз на посветеноста на двете земји за зајакнување на комуникацијата, без оглед на географските разлики“, рече Муцунски.
На овој настан учествуваа дипломатски претставници и гости од јавниот и приватниот сектор.
На настанот присуствуваа дипломатски претставници и гости од приватниот и јавниот сектор.