Министерството за надворешни работи на Кина денес соопшти дека изјавата на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која го нарече кинескиот претседател Си Џинпинг „диктатор“, е апсурдна и претставува отворена политичка провокација.
Аналена Бербок ова го изјави во интервју за Fox News минатата недела на прашањето за руската војна во Украина.
„Ако Владимир Путин победи во оваа војна, каков сигнал би бил тоа за другите диктатори во светот, како што е Си Џинпинг, претседателот на Кина“, изјави таа.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина, Мао Нинг, изјави дека изјавите на Аналена Бербок се „крајно апсурдни“ и го навредуваат политичкото достоинство на Кина, пренесува медиумската агенција Reuters.
„Тоа е отворена политичка провокација“, нагласи Мао Нинг на прес-конференцијата и додаде дека Кина во таа прилика изрази сериозно незадоволство од Германија.