Отворен е оглас за 400 пожарникари

Премиерот Христијан Мицкоски потврдува дека се реализирани измени кои ветуваат подготвеност во справувањето со огнените стихии и, за разлика од минатите години, државата ќе има проактивен, а не реактивен пристап кон оваа проблематика.

Освен опремата која е набавена за превенција од пожари, тој истакнува дека во тек е објава за прием на 400 пожарникари. „Македонската интервентна пожарна единица, денес делуваше многу импресивно и мотивирачки.“

Денес се изврши целосна пренамена на полициските и армиските „БТР 80“, „Хермелини“ и „Пинцгауери“ кои беа управувани од искусни лица од МВР и Армијата. „На сите тие возила им е вграден различен резервоар, во зависност од статиката на возилото, да не дојде до изместување на тежиштето и да не дојде до превртување. Работеа инженери на овој проект.“

„Резервоарите се од 1,5 метар кубен до 6, исто така се со вградени пумпи со различна „коњажа“, пумпи со различна можност, притисок итн и навистина тоа делува импресивно. Кога зборувавме со луѓето од Армијата колкав терен тие би можеле да покријат, ми беше кажано дека до 20 километри само овие возила кога би се распределиле би изгасиле пожар“, рече премиерот Мицкоски при гостувањето во „Тема на денот“ на Дневникот на Сител телевизија.

Тој нагласи дека оваа модификација на старите армиски и полициски возила не ја чинела државата ништо, бидејќи е реализирана од општествено одговорни компании, а со оглед на тоа што едно вакво возило чини 400 илјади евра, тоа значи дека се заштедени неколку десетици милиони евра од буџетот.

Понатаму, додаде Мицкоски, распишан е конкурс за вработување на 400 нови пожарникари. „Ги охрабрувам луѓето преку општините, тие кои се чувствуваат подготвени да влезат во овој процес.“

„Оваа единица, армиските хеликоптери и хеликоптерите на полицијата, а на тоа додадени и Ер тракторите, еден е вратен од сервис, другиот се враќа оваа недела, а третиот до крај на јули, ценам дека сме подготвени доколку оваа година се случат пожари да ги совладаме“, заклучи премиерот Мицкоски.