Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска го означи отворањето на комплетно реновираниот Центар за обуки на административните службеници на Министерството за јавна администрација, при што нагласи дека во наредниот период планираат реконструкција и на останатите центри за обука во државата.
Овој Центар, кој се наоѓа во Аеродром, како што посочи Минчев, е првиот конкретен чекор во спроведувањето на новиот Закон за стручно усовршување и едукација на административните службеници, усвоен неодамна во Собранието. Тој е дел од Академијата за јавна администрација, која ќе почне да функционира од 1 јануари 2027 година и која треба да биде моторот за развој на обука и едукација на сите јавни службеници во земјава.
Центарот е опремен со најмодерна технологија, која што, како што рече Минчев, ги имаа сите алатки за обука на јавните службеници како физички, така и електронски односно онлајн. Наменски ќе служи и за обука и едукација на новите генерации на јавните службеници, но исто така и за преедукација на постоечките коишто се веќе во јавниот сектор.
Во него ќе се спроведуваат и специјални обуки и генерички обуки, но и програми коишто ќе го испитуваат знаењето и на постоечките вработени во јавниот сектор.
Тој треба да прерасне во еден од регионалните центри, коишто заедно со оној во Битола, за кој министерот се надева дека ќе биде реновиран следната година и со еден нов заеднички голем едукативен центар, за кој што кажа дека се близу до потпишување меморандум со Француската амбасада, ќе го потпомогнат развојот на Академијата во наредните две години.
-Нашата цел е да изградиме единствен национален систем за обука достапен за сите административни службеници, независно од нивната географска или институционална припадност, рече Минчев и додаде дека вложувања се дел од пошироката визија на Владата за изградба на институции што функционираат транспарентно одговорно и во интерес на јавноста.
Во таа насока паралелно со реконструкцијата на денеска отворениот Центар, додаде Минчев, се вложува и во целосна модернизација на електронската платформа за управување со обуки. Тој појасни дека тоа значи дека административните службеници без разлика каде се наоѓаат ќе имаат пристап до содржините за учење, евалуација, и професионален развој, дигитално и флексибилно и во согласност со европските стандарди.
Означувајќи го отворањето на Центарот истакна ова не е само нова просторија или ново парче мебел, туку симбол на континуитет и на посветеноста да се изгради компетентна ефикасна и професионална администрација во служба на граѓаните и на институциите.
-Наша мисија е јасна, да создадеме јавна администрација, која се развива и постојано се унапредува. Затоа овој едукативен центар не го гледаме само како објект, туку како функционален ресурс, простор каде административните службеници ќе добиваат знаење, вештини и поддршка што се неопходни за да ги исполнат своите улоги, одговорно квалитетно и навремено. Министерството за јавна администрација во рамките на сеопфатните реформски процеси посветено работи на системската трансформација на начинот на кој се спроведува обуката, додаде Минчев.
За тоа како ќе се бираат вработените, кои ќе поминат низ обуки, Минчев рече дека тоа е регулирано согласно новите законски прописи, согласно новите критериуми за обука и едукација на граѓаните коишто ќе конкурираат на огласите, но исто така најави и соодветна проверка на знаењето на посточеките воработени, на секои шест месеци.
-Тоа значи дека се водиме од тезата дека учењето и знаењето се всушност клучната алка за професионална јавна администрација, посочи Минчев.