Претседателот на Соединетите Американски Држави и прва дама Џо и Џил Бајден следната недела ќе отпатуваат на Хаваи за да го обиколат одморалиштето на островот Мауи што е опустошено од смртоносните шумски пожари, соопшти во средата Белата куќа.
Во понеделник Џо Бајден ќе се сретне со спасувачите и со преживеаните, како и со федерални, државни и локални претставници, се вели во соопштението на Белата куќа.
Во шумскиот пожар загинаа најмалку 106 луѓе, а избувна минатиот вторник во близина на градот Лахаина и за неколку часа изгоре површина од 13 квадратни километри. Пожарот уништи 2.200 згради и предизвика штета од околу 5,5 милијарди долари, соопштија властите.
Една недела од пожарот, трауматизираните жители на Западен Мауи преживуваат со помош, а на многумина не им е дозволено да ги прегледаат своите домови и чекаат вести за своите најблиски – стотици луѓе се уште се водат како исчезнати.
„Околу 20 кучиња трагачи ги предводеа тимовите да го пребаруваат пожарот блок по блок. Од вторникот, тимовите покривале само 27 отсто од областа на катастрофата“, изјави гувернерот Џош Грин во телевизиското обраќање во вторникот. До викенд се очекува да се расчисти околу 80 до 90 отсто од зоната.