Причината за несреќата на жичницата во Лисабон во која загинаа 16 лица е прекин на кабел што поврзува два вагона, што довело до губење на контролата и катастрофален пад, се наведува во извештајот на португалската Канцеларија за превенција и истрага на воздушни и железнички несреќи.
Се напомнеува дека сајлата била скината откако кабините патувале само околу шест метри, пренесува „Скај њуз“.
Сопирачот веднаш ги активирал воздушните и рачните сопирачки, но тоа не успеало да го запре возилото, кое забрзало до околу 60 км/ч и на крајот излетало од шините.
Истрагата го покрена прашањето за одржување на опремата, но според достапните податоци, инспекцијата и одржувањето на жичницата биле редовни и ажурни.
На денот на несреќата, извршен е закажан визуелен преглед, но делот од кабелот каде што се случил прекинот не бил видлив без расклопување на уредот.
Инцидентот се случил во среда околу 18 часот, кога горниот вагон се урна надолу пред да излета од шините и да удри во зграда на 30 метри од дното на шините.
Жичницата Глорија, национален споменик од 1914 година, го поврзува плоштадот Рестаурадорес во центарот на Лисабон со видиковецот во областа Баиро Алто.
Патувањето е кратко, само 265 метри, трае околу три минути и е една од омилените атракции за туристите.