Научниците од Австралија веруваат дека откриле подобар начин за лекување на најсмртоносната и најагресивната форма на рак на дојка. За разлика од хемотерапијата, новиот пристап на третман го убива и забавува растот само на канцерогените клетки во ткивото на дојката, а не на нормалните и здравите.
Оралниот лек, исто така, ги таргетира метастатските лезии кои се прошириле на друго место во телото и покажуваат отпорност на хемотерапија. Тројно-негативниот карцином на дојка сочинува до 15 проценти од сите видови на рак на дојка и е познат по тоа што расте и се шири релативно брзо, дури и кај младите пациенти.
До денес, нема достапни таргетирани лекови за борба против оваа форма на рак, оставајќи ги пациентите со само неколку широки опции: интензивна хемотерапија или имунотерапија. Дури и тогаш, шансите за враќање на ракот во рок од пет години се големи.
Ако ракот се прошири на далечни места надвор од локализираното ткиво на дојката, стапката на преживување за пет години може да се намали од 91 отсто на 12 отсто.
Потребни се нови форми на третман за да се спасат животи
– Ова е возбудлив развој во борбата против тројно-негативниот рак на дојка – вели експертот за рак на дојка Тереза Хики од Универзитетот во Аделаида, која ги водеше експериментите на новиот орален лек.
Резултатите од оваа студија покажуваат дека овој лек би можел да биде клучен за подобрување на стапката на преживување, а на лекот му треба понатамошен развој додека не може да се користи кај луѓето, велат од Science Alert.
Лекот првично беше развиен за лекување на акутна миелоидна леукемија
Лекот за кој станува збор се нарекува CDDD11-8 и првично беше развиен за лекување на акутна миелоидна леукемија (AML).
– Сè уште е во рана фаза, но врз основа на овие првични докази, веруваме дека инхибицијата на овој протеин може да доведе до третман на тројно негативен рак на дојка и овој нов лек треба дополнително да се развива – вели Хики.
Студијата е објавена во списанието Oncogene.