Официјално усвоени нови правила за влез во ЕУ, ќе важат и за Македонците

Советот на Европската унија и Европскиот парламент вчера го усвоија привремениот договор за постепено воведување на Системот за влез и излез (EES), нов дигитален систем за управување со границите.

-Благодарение на овој договор, земјите-членки ќе можат да го применат новиот систем за управување со границите за регистрација на влез и излез во Шенген-зоната на државјани од земји надвор од ЕУ. Ова е добра вест и ќе ги поддржи нашите напори за безбедни граници, изјави полскиот министер за внатрешни работи Томаш Сјемонјак, според соопштението објавено на веб-страницата на Советот на ЕУ.

Договорот постигнат денес е привремен, а и Советот на ЕУ и Европскиот парламент треба да го потврдат пред официјално да го усвојат.

EES е ИТ систем кој ќе ги дигитализира записите за влез и излез, податоците од пасошите, отпечатоците од прсти и фотографиите на лицата од земји кои не се членки на ЕУ, а патуваат на краток престој во некоја од 29 европски земји.

Овој систем, кој ќе го замени досегашниот систем со рачно печатење на пасошите, ќе се однесува и на граѓаните на Македонија при преминување на границите на ЕУ.

Како што се наведува на веб-страницата на Советот на ЕУ, во рамки на фазната имплементација, земјите-членки постепено ќе го применуваат системот EES, и ќе треба по првиот месец од примена да регистрираат најмалку 10% од граничните премини.

Во првите 60 дена, земјите-членки ќе можат да го користат EES и без биометриски функционалности, а по три месеци ќе треба да го користат со биометриски функции на најмалку половина од своите гранични премини.

До крајот на овој транзициски период, земјите-членки ќе продолжат и со рачно печатење на патните исправи. Уредбата за воведување на системот EES не утврдува конкретен датум за почеток на имплементацијата, бидејќи тоа бара посебна одлука од Европската комисија.

Законодавците се согласија дека во текот на постепеното стартување на системот EES, земјите-членки можат целосно или делумно да го прекинат функционирањето на системот на одредени гранични премини во исклучителни околности – на пример, поради интензивен сообраќај што може да доведе до големи редици.

Министрите за внатрешни работи на ЕУ во март ја одобрија и ревидираната мапа на патот за воведување на т.н. архитектура на интероперабилност – меѓусебно поврзан ИТ систем за управување со граници и спроведување на законите.

Според мапата на патот, усвоена од управниот одбор на агенцијата eu-LISA, задолжена за изградба на ИТ инфраструктурата, постепената примена на EES ќе започне во октомври 2025, додека Европскиот систем за патни информации и одобрување (ETIAS) ќе започне со работа во последниот квартал од 2026 година.