Северна Македонија, односно градот Охрид, може да биде местото каде што ќе се сретнат министрите за надворешни работи на Азербејџан и Ерменија, на состанок што би имал цел да помогне во напорите за помирување и интеграција во регионот на Јужен Кавказ.
Извори од Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија, земја претседавач со ОБСЕ, велат дека министерот Бујар Османи ја иницирал средбата во својство на претседавач со ОБСЕ.
Според изворите, за средбата во таканаречениот „центар за помирување“ веќе се пратени три можни датуми за одржување на состанокот и во тек е комуникација и договарање со земјите.
Министерот и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, минатиот месец престојуваше во посета на регионот на Јужен Кавказ, каде што се сретна со неговите колеги и државниот врв на Азербејџан, Ерменија и Грузија.
При таа посета на регионот, водејќи се од мотото на ОБСЕ „За луѓето се работи“, тој ја нагласи важноста од решавање на долгогодишните прашања и нормализирање на односите во регионот, додавајќи дека најголема придобивка од одржливиот мировен договор ќе имаат граѓаните од регионот.
Според изворите, Северна Македонија преку функционалната мултиетничка демократија и решавањето на споровите преку дипломатски пат може да служи како позитивен пример и во поглед на интегрирањето на различните етнички заедници.
Градот Охрид веќе беше домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот Белград – Приштина. На 18 март оваа година, под покровителство на Европската Унија (ЕУ), во Охрид се сретнаа високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово.
Потсетуваме дека на 13 август 2001 година во Охрид се потпиша Рамковниот договор со кој се стави крај на вооружениот конфликт во Северна Македонија и се поставија рамки за меѓуетнички соживот.