Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, соопшти дека во Истанбул е уапсен уште еден хрватски државјанин кој го бара Интерпол.
Станува збор за Кристијан Палиќ, кој е осомничен дека е еден од водачите на западнобалканското крило на меѓународниот нарко картел.
Итна потерница на Интерпол за Кристијан Палиќ распишаа Бразил, Хрватска и неколку европски земји.
Како што пишуваат хрватските медиуми, било утврдено дека Кристијан Палиќ бил еден од водачите на картелот, задолжен за снабдување на Европа со кокаин од Јужна Америка и дека соработувал со картели кои дејствувале во Европа, воспоставил врски со криминални организации во Јужна Америка и одиграл важна улога во перењето пари добиени со криминал.
Дел од турските медиуми тврдат дека тој бил клучот во тие незаконски активности.
Кристијан Палиќ извесно време бил следен од турските власти и бил уапсен во акција под кодно име „КАРТЕЛ-3“ во Бешикташ.
Неговото апсење ја нагласува клучната улога на Турција во глобалната борба против прекуграничните злосторства поврзани со дрога, објавија турските медиуми.
„Би сакал нашата драга нација да знае дека сме решени да ја исчистиме Турција од националните и меѓународните организирани криминални организации и трговците со дрога и со ваша поддршка ќе успееме“, истакна Али Јерликаја.
„Им честитам на нашите херојски полицајци кои ја спроведоа акцијата. Молитвите на нашиот народ се со вас“, порача министерот.