Министерот за надворешни работи на Пакистан, Ишак Дар, денес изјави дека Исламабад ќе ги прекине понатамошните воени активности доколку Индија го стори истото , велејќи дека неговата земја искрено сака мир.
„Ако има барем малку разум, Индија ќе запре, а ако тие застанат, ќе застанеме и ние“, рече Дар во интервју за локална телевизија, објави Си-Ен-Ен.
Тој нагласи дека Пакистан сака мир „без водство од која било земја“.
Коментарите на Дар дојдоа откако Индија и Пакистан разменија нови воени напади рано утрово и се обвинија меѓусебно за ескалација на тензиите.
Шариф: Пакистанските сили силно одговорија на последователните воени акции на Индија
Пакистанскиот премиер Шефбаз Шариф денес изјави дека силите на земјата силно одговориле на повторените воени акции на Индија.
Во извештајот на пакистанската влада на Платформа X се истакнува дека сите пакистански политички лидери во телефонски разговор со Шариф ја пофалиле „мудроста, храброста и професионализмот на војниците на пакистанската армија“ за време на одмаздничката акција против индиската армија.
Пакистан соопшти дека, како одговор на индиските напади, конкретно ги таргетирал индиските воени објекти од кои биле извршени нападите врз Пакистан.
Индија: Пакистан повреди голем број војници, ова укажува на ескалација на ситуацијата
Индиската армија денес објави дека Пакистан го зголемил бројот на војници распоредени по границата, со проценка дека „ова укажува на офанзивна намера на земјата дополнително да ја ескалира ситуацијата“.
Портпаролката на индиската армија додаде дека „индиските вооружени сили се на високо ниво на борбена готовност“, но дека остануваат посветени на „избегнување на ескалација, под услов пакистанската армија да го стори истото“, пишува „Гардијан“.
На прес-конференција во Њу Делхи, полковникот Софија Куреши изјави дека Пакистан испалил повеќе ракети кон неколку индиски воздухопловни бази во федералната држава Пенџаб, како и кон три бази во индискиот дел на Кашмир, таргетирајќи ги и здравствените установи и училиштата.
„На акциите на Пакистан беше одговорено соодветно“, рече Куреши.
Индискиот министер за надворешни работи Викрам Мисри ги опиша постапките на Пакистан како „провокација“, а одговорот на Индија како „одмерен“, објави АП.
Претходно, пакистанската војска соопшти дека премиерот побарал свикување на Националниот команден орган, телото кое го надгледува нуклеарниот арсенал на земјата.
Сепак, пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Асиф, подоцна изјави дека „не е закажан состанок на Националниот команден орган“ по утринската воена операција.