Пакистанскиот министер за информации, Атулах Тарар, денес изјави дека пакистанските сили нападнале индиски воени објекти долж Линијата на контрола, де факто границата што го дели Кашмир меѓу Индија и Пакистан,.
„Ги уништивме нивните воени позиции на линијата за демаркација“, рече Тарар, додавајќи дека меѓу 40 и 50 индиски војници биле убиени во тие напади, според Исламабад, објави Скај њуз.
Индиските власти, пак, денес објавија дека 16 цивили, меѓу кои три жени и пет деца, се убиени во пакистански напади.
Индија објави дека Пакистан „го зголемил интензитетот на неиспровоцираниот оган“ преку Линијата на контрола, објави Би-Би-Си.
Се вели дека пакистанските сили користат минофрлачи и тешка артилерија во областите Купвара, Барамула, Ури, Пунч, Мендар и Раџури во Џаму и Кашмир, а индиската армија одговорила за да го запре овој минофрлачки и артилериски оган.
Индиската армија го уништила клучниот пакистански противвоздушен систем „ХКЈУ-9“ во Лахор, откако Пакистан се обиде да погоди неколку воени цели во северна и западна Индија во текот на ноќта меѓу 7 и 8 мај, објави индиското Министерство за одбрана.
Пакистанскиот напад, кој вклучувал употреба на беспилотни летала и ракети, бил насочен кон градови како Сринагар, Џаму, Амритсар и Лудијана, објави „Индија њуз“.
Индија успеа да го одбие нападот благодарение на својата одбрана од беспилотни летала и противвоздушна одбрана, а остатоци од ракети беа пронајдени на неколку локации.
Индиското Министерство за одбрана изјави дека одговорот бил „во ист обем и во ист домен како и пакистанскиот напад“, нагласувајќи дека тие „не бараат ескалација, но ќе одговорат на секоја провокација“.