Главниот обвинет за убиствата и киднапирањата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски денеска во Основниот кривичен суд во Скопје ја отфрли одговорноста, тврдејќи дека немал мотив за вакви кривични дела и дека бил жртва на „морален атентат“ организиран од политички и медиумски структури.
За време на неговото сведочење, тој рече дека обвиненијата се дел од обидите за негова дискредитација поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и неговиот политички ангажман за организирање референдум за прашањето со Бугарија.
Одговарајќи на прашање на неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, дали Палевски ги извршил убиствата, тој рече: „не само што не го сторив, туку немам никаков мотив да направам такво дело“.
„Јас не ги извршив ниту убиствата, ниту киднапирањата. Едноставно немам мотив за ова, затоа што во магацинот на Основното јавно обвинителство се наоѓа хард диск „Тошиба“ кој е запленет со запис од над 200 илјади телефонски разговори, гнасотија на оваа политичка елита, но и на новинарската професија. Ако ми беше за пари, јас ќе им се заканував на оние кои возат Ферари“, изјави Палевски.
Палевски е последниот сведок кој сведочеше, бидејќи претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беа сослушани и останатите обвинети.
Обвинетиот Велибор Манев во сведочењето рече дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го демантираше своето учество во настаните, а Влатко Кешишев посочи дека не сведочел за нив бидејќи најмногу му била доделена задача за набљудување. Таткото на Вања, Александар, во изјавата пред судот негираше каква било поврзаност со случајот и дека не ги познава обвинетите.
Во обвинението се наведува дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски заедно го планирале киднапирањето на 14-годишната Вања за да принудат член на нејзиното блиско семејство да даде пари како откуп. Киднапирањето на оштетениот Панче Жезовски во Велес, според обвинението, било со цел да го натераат да им го даде своето возило Цитроен, за да го употребат за киднапирање на детето во Скопје.
На 27 и 24 ноември малолетните Вања и велешанецот Панче биле пријавени за исчезнати, додека на 03.12.2023 година биле пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.