– Палестинските групи во Газа остро ја осудија одлуката на израелската Влада да ги забрза активностите и проектите за еврејските населби низ окупираниот Западен Брег.
Во одделни соопштенија, Движењето „Фатах“, Движењето на отпорот „Хамас“ и Народниот фронт за ослободување на Палестина ја осудија одлуката на Владата да му ја даде контролата врз планирањето на активностите во врска со еврејските населби на Западниот Брег на министерот за финансии од крајната десница Безалел Смотрич.
„Сите [израелски] колонијални мерки се невалидни и нелегитимни и ќе бидат поништени, како што се случи со тие населби во Газа“, рече портпаролот на Фатах, Монтер ал-Хајек.
Во 2005 година, тогашниот премиер Ариел Шарон нареди евакуација на еврејските населби во Газа заедно со уште четири населби на северниот дел на Западниот Брег.
Тој, исто така, побара од Советот за безбедност на ОН да ја донесе Резолуцијата 2334 поврзана со изградбата на израелските населби.
Групата Хамас, исто така, го осуди последниот потег на Израел за проектите за населување, велејќи дека тоа е дел од израелската јудеизација на палестинските територии.
„Тие проекти за населување нема да ѝ дадат легитимитет на [израелската] окупација на нашата земја“, се вели во соопштението.
Народниот фронт за ослободување на Палестина истакна дека израелската ескалација во изградбата на населбите е дел од општата ескалација од страна на Израел со цел анексија на окупираниот Западен Брег.
Освен што му даде целосна контрола на Смотрич врз плановите за населување, израелската Влада вчера објави и нови тендери за изградба на околу 4.500 единици во постоечките населби низ Западниот Брег.
Обединетите нации (ОН) ги сметаат активностите за еврејските населби за нелегални и нагласуваат дека тоа го поткопува меѓународно договореното дводржавно решение.
Проценките покажуваат дека околу 700.000 доселеници живеат во 164 населби и 116 други населени места низ окупираниот Западен Брег.
Според меѓународното право, сите еврејски населби на окупираните територии се сметаат за нелегални.