– Палестинците во Појасот Газа продолжуваат на различни начини да се борат со длабоките психолошки последици од бруталните израелски напади и опсада што траат повеќе од пет месеци.
Во училиштето во бегалскиот камп Нусејрач во централниот дел на Појасот Газа се одржуваат часови по музика во обид да им обезбеди психолошка поддршка на палестинските деца.
Мухамед ал-Хабас, директорот на Националниот музички институт „Едвард Саид“ во Газа, рече дека иницијативата има за цел да ги ублажи разорните ефекти на војната врз децата во Газа.
Ал-Хабас нагласи дека овие часови по музика им нудат на децата одмор од општиот страв.
Тој додаде дека часовите по музика имаат позитивно влијание врз менталното здравје на децата.
„Децата убаво реагираа кога дојдовме и беа многу среќни бидејќи со месеци чекаа каков било настан, каква било активност, забава што ќе ги расположи и извлече од атмосферата на страв и лудило што ги носи војната“, рече Ал-Хабас.
Тој би сакал оваа практика да ја прошири и на други делови од блокираниот и разурнат Појас Газа.
„Ми се допаѓа што моментално ги имаме овие активности овде во засолништето во кампот Нусејрат. Моја желба е да успееме да организираме вакви активности и во другите делови на Газа. Овде децата се среќни и барем за момент со музиката забораваат на војната“, рече Ал-Хабас.
Палестинските деца кои ги посетуваат часовите по музика, рекоа дека се плашат од војна и дека музиката им помага да си го олеснат мрачното секојдневие.