Германскиот канцелар Олаф Шолц ги стави германските национални интереси пред оние на ЕУ
Обидот на италијанска банка да купи удел во германска банка претставува зделка за поврзување за каква што европските лидери апелираат веќе со години, со цел Европската Унија да биде способна да изнедри повеќе домашни корпоративни шампиони во „тешка категорија“, за да се натпреваруваат со ривалите од САД и од Азија. Меѓутоа, сега кога Уникредит всушност ѝ се нафрли на Комерцбанк, изгледа дека приврзаниците на подлабоката интеграција во ЕУ ќе бидат разочарани бидејќи домашните интереси на Берлин, уште еднаш, ги надминуваат паневропските соништа. Во врска со ова, исклучително интересен текст пишува европското издание на магазинот „Политико“, во кој се издвојува ригидниот став по ова прашање на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој на пиедестал ги стави германските национални интереси, токму како што прават суверенистите (иако тој не е тоа), и ја отфрли европската внатрешна (ре)интеграција во делот од финансиите.
Финансискиот суверенитет доби приоритет над паневропското интегрирање во финансискиот сектор на ЕУ (Банкарска унија)
Експресната осуда на германскиот канцелар Олаф Шолц за „непријателскиот напад“ на Уникредит сугерира дека амбициите за прекугранично зголемување на финансискиот сектор на ЕУ ќе останат, како што и беа цела деценија, само празни разговори.
– Сите земји членки, не само Германија, повикуваат на поголема финансиска интеграција, но кога ќе се соочат со потенцијално преземање на националните шампиони, тие почнуваат да се колебаат – вели италијанската европратеничка Ирене Тинагли, поранешна претседателка на Комисијата за економија на Европскиот парламент.
Стравот во Берлин е дека Италијанците, доколку преземат поголем удел во Комерцбанк од германската влада, би можеле да го намалат кредитирањето на ценетиот германски „Мителштанд“, односно на малите и средни производители, кои се сметаат за столб на економијата.
Ова непријателство на Шолц ги разбеснува политичарите и економистите од другите земји на ЕУ, кои долго време ја обвинуваат Германија дека им дава приоритет на сопствените интереси на штета на единствениот европски пазар. Многумина го сметаат Берлин како лак негативец за време на кризата со ковид и енергетскиот шок поврзан со Украина од 2022 година, кога неговиот протекционистички инстинкт беше масовно да ја субвенционира домашната индустрија без оглед на штетата на внатрешниот пазар, особено во помалите земји на ЕУ, кои не можеа да си дозволат да се натпреваруваат со толкава големина.
– Тоа би било многу лош сигнал за интеграцијата на европскиот финансиски пазар… доколку овoj потег не се блокира врз основа на процените на акционерите, туку врз основа на чисто политички и протекционистички размислувања. Колку повеќе успеваме да создадеме големи банкарски групи во Европа, кои се блиски по големина и тежина на нивните конкуренти во САД, толку подобро за конкурентноста на европската економија – рече Џовани Сабатини, виш советник во адвокатската фирма „Грималди“ и поранешен шеф на Асоцијацијата на италијанските банки.
Банкарската унија – децениска цел на европскиот блок
Меѓусебното поврзување меѓу финансиските сектори на земјите од ЕУ е цел на европските лидери веќе една деценија и се нарекува Банкарска унија. Тоа делумно значи, дозволувајќи со спојувањата да се создадат големи банки што ги надминуваат државните граници и не се врзани за богатствата на владите на нивните матични земји – врска што скапо го чинеше регионот пред една деценија.
Со оглед на доминацијата на банките во европскиот финансиски сектор, Банкарската унија е нераскинливо поврзана со проектот Унија на пазари на капитал на ЕУ. Во својот неодамнешен извештај, поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, укажа на фрагментираниот финансиски пејзаж како пречка за растот и создавањето богатство. Најголемата американска банка, Џеј Пи Морган Чејс, вреди повеќе од најголемите десет европски банки заедно.
Поконсолидиран европски банкарски сектор би ја зголемил ефикасноста и би можел да ги намали трошоците за капитал за бизнисите, напиша Драги, со тоа што ќе направи повеќе за да ги претвори огромните заштеди на Европејците во инвестиции.
– Потребни ни се овие спојувања. Треба да бидеме исклучително среќни што постои некој како извршниот директор на Уникредит, Андреа Орсел, кој докажа дека може да го направи тоа. Тој двојно ја зголеми пазарната вредност на Уникредит, дури и пред Комерцбанк да влезе во игра – посочи Карел Лану, кој го предводи бриселскиот аналитички центар ЦЕПС.
Но Шолц во понеделникот нагласи дека се противи на преземањето откако италијанскиот заемодавач соопшти дека ги стекнал правата на уште 12 отсто од акциите на Уникредит преку деривати, зголемувајќи го својот удел на околу 21 отсто. Тоа ќе ја направи банката најголем акционер, пред германската влада.
Петер Прает, поранешен главен економист на Европската централна
банка: Ова е комуник ациска катастрофа!
Ова е комуникациска катастрофа, изјави поранешниот главен економист на Европската централна банка, Петер Прает, за „Политико“, по извештајот на Драги. Укажувајќи на искуството од Белгија, каде што се вселиле француските и холандските банки, Прает рече дека не гледа како преземањето би претставувало некаков ризик за германската економија.
Прает предупреди дека елементите на договорот можеби сè уште се непознати, но тврдеше дека, дури и ако германската влада имала добра причина да се спротивстави на преземањето, таа требало да изнесе ставовите порационално, наместо да испорачува своевидна „хаотична, премногу страсна, емоционална реакција“ што го доведе во прашање резонирањето за прекугранична консолидација. Но, некои Германци, барем, се согласуваат.
Предлогот за спојувањето на германската со италијанската банка наиде и на согласност во одредени германски политички кругови.
– Активностите на германската влада не успеаја да ги исполнат ниту националните ниту европските интереси – рече Штефан Бергер, германски европратеник од централнодесничарската група на Европската народна партија (ЕПП).
Дури и германскиот министер за финансии, Кристијан Линднер, во меѓувреме, се чинеше дека се огради од тврдиот став на Шолц. Запрашан што може да направи Владата за да го спречи преземањето, тој одговори: „Тоа е прашање на раководството и бордот на Комерцбанк“.
Шолц можеби сака овој проблем едноставно да исчезне. Со неговата политичка коалиција опколена од сите страни и со неговата иднина на чело на Социјалдемократската партија (СДП) во опасност, тој има поголеми работи на ум.
Европската централна банка наскоро ќе го обработи барањето од Уникредит за дозвола да го зголеми својот удел на дури 30 проценти. Иако е обврзана со процедура, наследничката на Драги, Кристин Лагард, на својата последна прес-конференција направи мал обид да ја скрие својата поддршка за идејата, велејќи: „Многу власти се надеваа на прекугранични спојувања и ќе биде многу интересно да се види како ќе се одвива тој процес во неделите што доаѓаат“. Р.С.
Внатрешните судири во ЕУ сѐ почести: Италијанците обвинуваат, Германците во дефанзива
Практикување двојни стандарди во ЕУ
Слично како што германската „Луфтханза“ ја купува „Алиталија“ од Рим, некои велат дека на Уникредит треба да му се даде шанса да го купи својот послаб германски колега. Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, рече дека има „слободен пазар во Европа“ и ја оквалификува сегашната ситуација како практикување двојни стандарди.
– Ако една трансакција има смисла во банкарството во еврозоната, таа е оваа – додаде Николас Верон, банкарски експерт во аналитичкиот центар „Бројгел“, додавајќи дека тоа е особено добра зделка за акционерите на Комерцбанк, чии акции се зголемија за 20 отсто откако ѝ пристапи Уникредит.
Но Стефан Витман, претставник на синдикатот и член на надзорниот одбор на Комерцбанк, укажа на можна негативна страна од зделката. Тој рече дека тоа најверојатно ќе доведе до широко распространето губење работни места. Витман го наведе и големото поседување на италијански државни обврзници од страна на Уникредит.
– Ненадејната нестабилност на италијанските финансиски пазари би можела да „има домино-ефект“ врз германската економија доколку договорот се реализира – предупреди Витман.
Верон се спротивстави на тој аргумент, укажувајќи на фактот дека Уникредит веќе е географски поразновидна од многу европски банки. Р.С.