Папата Франциск во својата велигденска порака денеска изрази „силна загриженост поради нападите во последните денови“ на Блискиот Исток, кои, според него, го загрозуваат дијалогот меѓу Израелците и Палестинците.
Насилството во Ерусалим и во регионот „ја загрозува посакуваната клима на меѓусебна доверба и почит неопходни за продолжување на израелско-палестинскиот дијалог“, рече Папата во традиционалната велигденска порака „До градот и светот“ (Urbi et Orbi) пред околу 100.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар.
Неделава на Блискиот Исток избувна ново насилство, особено околу џамијата Ал Акса во Ерусалим, каде што израелската полиција интервенираше за да ги протера палестинските верници среде верските празници, што предизвика широка меѓународна осуда.
Израел, исто така, во текот на ноќта соопшти дека извршил напади врз Сирија како одговор на ракетните напади врз анектираната Голанска висорамнина, по слични напади од соседен Либан и Појасот Газа во последните денови.
Израелската војска тврди дека ракетните напади од Либан, за кои никој не презеде одговорност, биле „палестински“ и најверојатно биле извршени од исламистичкото движење Хамас, кое е на власт во Појасот Газа.
ОН и Европската унија ги осудија нападите и повикаа на воздржаност по невидената ескалација на израелско-либанскиот фронт од 2006 година