Папата Франциско изјави дека сака да биде погребан во римската базилика Санта Марија Маџоре, наместо во Ватикан како другите папи, за да може да биде во близина на неговата омилена икона на Богородица.
Папата Франциско, кој во недела наполни 87 години , рече дека никогаш не размислувал да поднесе оставка оваа година, иако имал голем број здравствени проблеми, пренесе АП.
Тој за мексиканската телевизија N+ изјави дека дефинитивно ќе ја посети Белгија следната година, а посетите на Полинезија и Аргентина се уште се разгледуваат.
Тоа беше прво интервју на папата по неговиот последен напад на акутен бронхитис, што го принуди да го откаже учеството на самитот COP28 во Дубаи.
Папата, кому како млад му беше отстранет дел од едното белодробно крило, рече дека закрепнал и сега се чувствува добро.
Тој изјави дека постои можност да поднесе оставка и дека мора да се подготви за секоја можност.
Папата Франциско веќе изјави дека доколку се пензионира, како што направи папата Бенедикт Шеснаесетти во 2013 година, би сакал да живее надвор од Ватикан, некаде во Рим, во резиденција за пензионирани свештеници.
Папата е особено посветен на иконата на Богородица која се наоѓа во базиликата Санта Марија Маџоре, во близина на главната железничка станица во Рим.
По секое патување, папата Фрањо оди во таа базилика да се помоли пред иконата во византиски стил „Спасението на народот од Рим“, на која е прикажана Дева Марија облечена во сина наметка како го држи бебето Исус.