До вчера била вработена во приватна банка со завршен економски факултет на студии специјализирани за монетарна политика и банкарство. Немала искуство, ниту лиценца за ревизија, но од денеска Афрона Вервизоли е назначена за главен ревизор во Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош. Односно банкарката Вервизоли е поставена од владата да ја контролира успешноста на трошењето на европските пари од ИПА фондовите. За тоа место и таа позиција се предвидени строги правила, односно и во договорот за соработкја на државата со ЕУ за ИПА фондови стои дека „раководителот треба да поседува соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата за да ги извршува бараните задачи“. Постои и законски услов, а главниот ревизор за ИПА фондови мора да има уверение за стекнато звање од областа на ревизијата. Според сознанијата на Телма, таа нема таков соодветен ревизорски сертификат, а владата во соопштението не наведува каква ревизорска биографија има Вервизоли.
Владата, пак, соопштението на кое е ова кадровско решение го објави пред да заврши денешното работно време, иако седницата беше одржана вчера на пладне. Дополнително, покрај што избра банкарка на ревизорска позиција, владата на иста седница оценила дека ИПА програмите се спроведуваат поразително и подготви план за искористување на европските пари.
„Беше прифатен оперативен план за подобрување на капацитетите на институциите и осигурување дека целосно се користат можностите што ги нудат европските фондови. Финансиската анализа за искористеноста на ИПА фондовите по години е крајно поразителна. Досегашната анализа укажува на неискористени десетици милиони евра за капитални инвестиции од ЕУ фондовите. Планот опфаќа поефикасна искористеност на средствата и нивно ставање во функција“, се вели во соопштението од владата.
Во соопштението се наредени и новите 29 кадровски решенија, назначувања и смени. Некаде стари ликови, некаде познати, некаде сосема нови, а имаше и луѓе кои имале функции и во претходната влада на Ковачевски. Новоназначениот координатор за примена на нови технологии, Блерант Рамадани, претходно во владата на СДСМ беше Национален Координатор за Информатика и Енергетика. Владата назначи уште двајца координатори, кои се претседатели на помали партии од коалицијата на власт.
Павле Трајанов од Демократскиот Сојуз е именуван за национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам. Претседателката на партијата „Глас“, Солза Грчева е именувана за национален координатор за реформи во високото образование. Нов в.д. директор доби и Финансиско разузнавање, Кујтим Ибиши кој работи во оваа институција по предлог на Алијанса на Таравари ќе стане нов директор во Управата за финансиско разузнавање. Дејан Станков е именуван за нов в.д. директор на Државниот завод за статистика, а професорката Наташа Котлар е именувана за нова в.д. директорка на Државниот Архив.