– За случајот со Фреди Белери, градоначалникот на Химара, кој беше уапсен два дена пред локалните избори на 14 мај, на денешната пленарна седница на албанскиот парламент зборуваше пратеникот и лидер на Партијата обединување за човекови права Вангел Дуле.
Тој притоа побара негово итно ослободување, обвинувајќи дека е политички затвореник.
– На граѓанинот Дионисиос Алфред Белери произволно од секој аспект му се повредува неговата слобода и е лишен од уставното право да ги врши овластувањата и одговорностите што му ги довериле неговите сограѓани. На заедницата на општина Химара и е повредено класичното право на народот. И зошто сето тоа? Само затоа што не го сака првиот Лудовик од Албанија. За тоа што незаконски го чуваат господинот Белери во затвор, мотиватор и диригент е премиерот на државата, обвини Дуле.
Белери, кој е обвинет за поткуп на гласачи, беше избран за градоначалник на приморското гратче Химара, главно населено со Грци и неговиот избор го потврди и Централната изборна комисија.
Тој се уште е во притвор и доколку во период од три месеци не даде заклетва го губи мандатот.
Деновиве му беше одбиено барањето да биде ослободен од затворски и да оди во домашен притвор, што ќе беше можност да ја почне функцијата градоначалник.
На тоа, реагираше министерството за надворешни работи на Грција, кое меѓу другото оценува дека Белери директно е спречен да положи заклетва, а одлуката „предизвикува длабока загриженост за вистинските цели зад неговото гонење“.