Патот кон ЕУ е вистинскиот, натамошното одложување им дава простор на другите, особено на Русија

Европската Унија е вистинскиот пат, Обединетото Кралство иако повеќе не е дел од Унијата, сепак дава силна и континуирана поддршка за евроинтегрирањето на земјата, а секое дополнително одлагања им дава простор на другите, особено на Русија, која продолжува да дејствува во регионот со дезинформации, вели во интервју за МИА, британскиот специјален претставник за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич, кој беше во посета на Скопје.

Интервјуто со Пич го правевме вчера, а во него тој меѓудругото се осврна на патот на земјава кон ЕУ, имајќи предвид дека војната во Украина го забрза евроинтеративниот процес за Украина и Молдавија, Албанија почна преговори, но Македонија се уште на некој начин стои во место. На прашањето дали според негова проценка Брисел ќе го прифати барањето на македонската Влада за одложени уставни измени, со цел да се избегне ново бугарско вето, кое не е поврзано со Копенхашките критериуми, туку со билатерални прашања, Пич не дава конкретен одговор, но потенцира дека пристапување во Европската Унија е политика која Обединетото Кралство ја поддржува.

-Методот и процесот е помеѓу Европската Унија – како што знаете Обединетото Кралство не е повеќе дел од Унијата – но важно е да продолжиме на евроатлантскиот пат, во кој влегува и НАТО Алијансата. Има решенија и рамки и договори, го спомнавте претходно Охридскиот договор, кои ние ги поддржуваме. Во вашата убава земја доаѓам веќе 25 години. Знам дека е долг патот, знам и разбирам дека луѓето чекаат предолго. Моите пријатели тука ми го објасниле тоа. Станува збор за трпение и станува збор за тоа лидерите тука да демонстрираат дека патот кон ЕУ е вистинскиот пат, а и очигледниот, бидејќи сме тука во срцето на Европа. Важно е младите луѓе најмногу да имаат чувство дека се придвижуваат работите за да имаат подобра и просперитетна иднина. Дополнителни одлагања им даваат простор на другите, особено на Русија, која продолжува да дејствува во регионот со дезинформации. Русија започна и продолжува да води нелегална и ужасна војна во европскиот континент. Не е многу далеку од каде што сме денеска. Мора да сме сериозни во фактот дека Русија продолжува со дезинформации преку медиумите и во мојата земја, Русија продолжува да дестабилизира како и со акти на саботажа и шпионажа. Алтернативата, подобриот пат е оној кон Европската унија. И ќе направиме се што можеме да го поддржиме тоа, нагласува Пич.

За време на посетата на Скопје, тој имаше средби со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, со премиерот Христјан Мицкоски, со министерот за одбрана Владо Мисајловски. И честитал на Владата за, како што рече нејзината амбициозна агенда и додаде дека сега постои вистинска можност односите помеѓу Обединетото Кралство и Македонија да станат поблиски.

-Имаме експертиза и енергетска инфраструктура и ги дискутиравме тие прашања со Владата. И ние, како земја, сме посветени на агендата за енергетска трансформација. Агендите што ги имаме имаат заемни придобивки за двата силни партнера, истакна Пич.

Како добар познавач на приликите во регионот, во неговата богата професионална биографија и искуство тој меѓудругото беше и командант на воздухопловните сили на НАТО во Косово во 2000 година, со Пич разговаравме за најавите за можна дестабилизација во земјава, кои беа често пати посочувани од премерот Мицкоски како начин на дејствување на ДУИ, која по долги години замина во опозиција, а кои сепак во октомври, како што рече Мицкоски биле осуетени. На прашањето дали текот на настаните на кои сведочиме, а од неодамна се издвои и седницата на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците, за што имаше остри реакции од ДУИ, може повторно да ја врати во игра етничката карта, како обид за придобивање политички поени, Пич одговори дека е јасно дека граѓаните во регионот треба со нетрпение да гледаат на заедничка просперитетна иднина без разлика на етничка припадност и историја.

-Јасно е дека сите луѓе во регионот треба со нетрпение да гледаат на просперитетна иднина заедно без разлика на етничка припадност и историја. Треба да се стремиме заедно кон стабилно општество за сите граѓани. Обединетото Кралство во Северна Македонија има силен партнер повеќе од 30 години и одигра важна улога во тие договори за да им даде поддршка. Најважната порака што можам да ја понудам е дека ова се вредности кои ги споделуваме сега и во иднина. Без разлика дали е владеење на правото, почитување на институциите, заемно почитување и човекови права. Сите граѓани на Северна Македонија веруваат во тоа, јас тоа го знам и никој не посакува спротивно од стабилност. Гледаме од нелегалната војна во Украина, од конфликтот во Бискиот Исток, што се случува кога стабилноста ќе падне. Ние, јас и тимот тука, силно поддржуваме стабилност тука и еднакви вредности за сите луѓе тука, без разлика на етничката припадност, вели Пич.

Во врска со акцијата за разбивање на терористичка група поврзана со Исламска држава, која според изјавата на министерот за внатрешни работи Тошковски планирала напади во земјава и регионот, како и да даде оценка генерално за безбедносната состојба на регионот, Пич, кој меѓудругото беше и началник на ГШ на армијата на Обединетотот Кралство, но и претседавач на Воениот комитет на НАТО, потенцира дека е важно заеднички да ја браниме демократијата.

Имам емотивна врска со вашата земја, со многу пријатели тука по мојата улога во НАТО каде го поддржував вашето пристапување во НАТО. Тоа беше речиси пред пет години. Сметам дека членството во НАТО за сите граѓани во Северна Македонија овозможи едно чувство на споделена и колективна безбедност на луѓето. Им честитам на вооружените сили на Северна Македонија за нивниот придонес во НАТО, како и за модернизацијата, за што разговаравме вчера. Навистина им честитам на вооружените сили за тој процес. Постои интересна врска помеѓу кои било вооружени сили и нивната политичка контрола, како и полициските акции, кои се неопходни за да сите се чуствуваат безбедно, без разлика во Обединетото Кралство или кој било друг сојузник во НАТО. Не сум тука да коментирам индивидуални случаи. Стабилноста во регионот е поддржана од споделените вредности во НАТО, како и од способноста да се соработува за безбедносни прашања. Безбедноста е дел од општетвото што и ја одржува стабилноста, а таа мора да се одржува со ред и поредок. Без разлика дали е безбедност на границите или полициските акции или разните обиди на државата да донесе и го одржи редот и поредокот – ова е се дел од стабилноста, која пак е дел од довербата на луѓето и просперитет во иднината. Најважната порака е довербата на сите граѓани во иднината, нагласи Пич.

Во интервјуто разговаравме и за корупцијата и нејзините последици, за последниот случај во Државна лотарија, каде станува збор за висока коруција, но и за ефикасноста на црните листи на САД, кои неодамна таму ги поместија поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелациски судија.

Корупцијата ја влошува безбедноста, вели Пич и додава дека без разлика за која држава станува збор овој феномен ги поткопува вредностите за кои се залагаме. Нагласи дека е загрижувачка ниската доверба во правосудниот систем во земјава и оти преку британската Абмасада ќе продолжат да помагаат во насока на зголемување на владеењето на правото. Потсети дека Велика Британија е втор по големина инвеститор во земјава и оти во интерес на британските компании е да работат во средина која не охрабрува корупција.

-Самата Влада на Соединетите Држави треба да носи одлуки за санкции, но Обединетото Кралство ќе продолжи да дава поддршка на борбата против корупција, не само тука, туку и во регионот. И ќе преземеме мерки ако сметаме дека е неопходно. Нашиот тим тука во Скопје, во Амбасадата, работи на проект за владеење на правото со високи претставници и со претставници на Академијата за судии за да воведе нови процеси и да им помогне да го сфатат светот. Имаме сериозен пристап кон антикорупција, како дел од обезбедување стабилност и просперитет на сите граѓани, вели Пич.

По победата на Доналд Трамп на претседателските избои во САД, вели дека Обединетото Кралство ќе продолжи да инвестира во односите со САД, кои ги означи како особено блиски, а за најавите на Трам дека може за 24 часа да стави крај на конфликтот во Украина изјави дека не може да шпекулира за неговите политики, но напомена дека е потребно да се разберат последиците по човештвото од војната во Украина, како и од конфликтот на Блискиот Исток.

За мировни преговори оваа зима, кои ги најави полскиот премиер Доналд Туск, чија земја од 1 јануари ќе претседава со ЕУ рече дека се можни и додаде дека високи воени претставници секогаш се подготвени да зборуваат за мир. Ја нагласи соработката во рамки на НАТО Алијансата и и честита на поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска за изборот за заменичка на генералниот секретар на НАТО.

-Сметам дека пораката е едноставна – мора да работиме со нашите партнери, меѓу кои и Северна Македонија како сојузник во НАТО, и да сме спремни да се справиме со овој опасен свет. Особено сакам да и честитам на поранешната министерка за одбрана, која е назначена за заменичка на генералниот секретар на НАТО. Ова е време кога треба да работиме заедно на колективна безбедност, нагласи Пич.

За влијанието кое тие мировни преговори би го имале врз регионот, но и за последиците од продолжување на конфликтот врз истиот, Пич нагласува дека одбраната на Северна Македонија во рамките на Алијансата и одбраната на Обединетото Кралство почнува во Украина.

-Претседателот Путин одбра да почне нелегална војна, што е сериозно прекршување на меѓународното право и Повелбата на ОН. Ние сме обединети и во Алијансата и во нашите вредности. Не смееме да дозволиме претседателот Путин да успее. Обединетото Кралство продолжува да испраќа воена помош на Украинците и друг вид на дипломатска, финансиска и политичка поддршка. Исто така, се залагаме за вредностите во врска со владеење на правото. Затоа, даваме поддршка за специјален трибунал за воени злосторства. Санкциите под кои е Русија се важни. Тие можеби не се важни за секојдневнот живот, но важни се да и се покаже на Русија што се случува доколу го прекршиш меѓунардното право и водиш нелегална војна. Мојата порака е едноставна – мора да и помогнеме на Украина да се брани, мора да продолжиме да и помагаме и да се осигураме дека Украинците ќе имаат светла иднина, вели Пич.

Во однос на последните случувања во Сирија, по падот на режимот на Башар ал Асад и нивното влијание врз Блискиот Исток, но и глобално Пич вели дека е многу рано да се каже што ќе се случи.

-Треба да сме внимателни и да не шпекулираме. Тоа е важна земја во срцето на Блискиот Исток и народот на Сирија преживеа големи страдања за време на граѓанска војна повеќе од десет години и многу граѓани се раселени. Сите тие внимателно ќе следат што се случува во нивната земја и до нив е да одлучат. Обединетото Кралство ќе стори се и преку ОН да испрати поддршка на хуманитарните напори и во линија на темата на нашето интервју, да ги утврди нашите вредности. Ако имам порака, тоа е дека во овој опасен свет, мора да се осигураме дека има стабилност за сите граѓани во Северна Македонија, без разлика на возраста и без разлика на иднината која ќе ја имате. Истата порака ја имаме во Обединетото Кралство, посилни сме заедно преку нашите пријателства. Ќе продолжиме да успешно работиме на билатерално ниво помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и ќе продолжиме да градиме посилно партнерство, нагласи Стјуарт Пич.