Министерството за здравство не одговара на барањата на лицата со механичка срцева поддршка за набавка на нови и современи лекови. Од здружението „Храбро срце“ велат дека во Македонија се користат лекови со формула стари 50 години. Бараат државата да набави современи лекови, како што е лекот „Ентресто“. За ова, велат, биле принудени да одат во странство за да ги купат.
„Не споменуваат дали ќе продолжиме или не да плаќаме партиципација за нашите здравствени услуги што ни се нудат. Ова повторно наликува на влечење на прашањата и купување ситни дневно-политички поени, што е погрешно. Не сакаме да го политизираме прашањето“, изјави Васко Јолески – претседател на „Храбро срце“.
Од здравство велат дека сите овие пациенти се на листа на чекање за трансплантација на срце.
„Изборот на реципиенти на срце, кога има дарители, се врши според клиничките критериуми дефинирани според европските протоколи…“, велат од Министерството за здравство.
„Не негираме дека дел од пациентите со механичка поддршка се на списоците, но не гледаме надеж бидејќи досега ниту еден пациент не е трансплантиран и не се споменува дека ќе бидат трансплантирани“, изјави Васко Јолески – претседател на “Храбро срце” “.
Овие пациенти, околу 20 на број, со години живеат со вградена срцева пумпа која работи на батерии. Велат дека доколку барем еден пациент добил ново срце до сега, би имале надеж дека работите ќе се сменат.