Педесет проценти од царините ќе бидат хармонизирани со европската царинска тарифа почнувајќи од 1 јули

Педесет проценти од царините ќе бидат хармонизирани со Европската царинска тарифа почнувајќи од 1 јули оваа година, додека преостанатите 50 проценти ќе бидат хармонизирани од 1 јануари следната година. Ова ќе им овозможи на производителите да го зголемат своето производство, да имаат поголем извоз и поголем приход за компаниите, информираше денес премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за тоа што предвидуваат новите измени во Царинскиот закон.

Ова е уште еден акутен проблем што го имаа бизнисите, нагласи Мискоски, додавајќи дека сето ова се прави заедно со стопанските комори и Лигата на странски инвеститори во земјава.

„Уште едно тешко наследство од минатото, тие се дел од тие парафискални обврски што ја отежнуваа работата и за странските и за домашните производители, бидејќи тарифата за суровини не беше во согласност со Европската царинска тарифа, а ние тоа го правиме преку ова законско решение“, изјави премиерот Мицкоски денес по посетата на реконструираниот оддел за систематски контроли во Институтот за јавно здравје.

Мицкоски спомена дека со овие измени ќе се усогласи и царинската тарифа за таканаречените акумулатори на електрична енергија или резервоари за складирање на произведена електрична енергија, од сегашните 15 проценти на 2,5 или 2,7 проценти, што, како што рече, значително ќе го олесни инсталирањето на вакви уреди.