Педро Паскал проговори за тешките моменти по смртта на неговата мајка: Бев скршен

Педро Паскал е еден од најбараните актери во Холивуд денес, познат по своите улоги во серии како „Мандалоријанецот“, „Последниот од нас“, „Наркос“ и „Игра на тронови“, како и филмот „Гладијатор II“. Сепак, неговиот пат до успехот не беше лесен.

Паскал е роден во Сантијаго, главниот град на Чиле, како син на Вероника Паскал и Хозе Балмаседа, кои во тоа време биле студенти. Кога Педро имал само девет месеци, семејството било принудено да го напушти Чиле и да побара политички азил поради политичката репресија од режимот на генералот Аугусто Пиноче. Прво нашле засолниште во Данска, а потоа се преселиле во Соединетите Американски Држави.

За време на неговото појавување како водител на „Сатердеј најт лајв“, Паскал се потсети на своето семејство и тешката одлука што ја донеле: „Моите родители беа храбри. Ја напуштија земјата и нè доведоа мене и сестра ми во Соединетите Држави. Без нив, немаше да бидам тука, ниту пак ќе стоев на сцената на SNL вечерва“.

Иако се обидувале да изградат нов живот, Паскал го погодила трагедија во 2000 година, кога неговата мајка извршила самоубиство. Во тоа време, Педро имал 24 години. Неговите родители се вратиле во Чиле во 1995 година, каде што ги одгледале своите помлади деца. По смртта на неговата мајка, Педро брзо се вратил во Сантијаго за да присуствува на комеморацијата.

Исто така, во периодот кога тагата беше најинтензивна, Паскал се надеваше дека ќе добие улога во серијата „Темен ангел“, што можеше да му отвори врата кон филмска кариера, но не успеа на аудицијата. Во интервју за Vanity Fair, тој призна: „Мислите дека неуспехот на аудицијата може да ме скрши? Не може, бидејќи веќе бев скршен“.

Во тоа време живеел во Лос Анџелес, но сметал дека градот не му обезбедува простор да се справи со тагата, па затоа се вратил во Њујорк, каде што претходно студирал глума на Уметничкото училиште „Тиш“ при Универзитетот во Њујорк.

Во февруари 2023 година, на годишнината од смртта на неговата мајка, Паскал го имаше своето деби како водител во „Saturday Night Live“. По успешната емисија, тој прослави со пријатели, вклучувајќи ја и актерката Сара Полсон, која ја опиша вечерта како клучен момент во неговиот живот.

„Беше ноќ што не сакавме да заврши. Да беше камерата насочена кон мене, ќе видевте човек чиј живот штотуку започнуваше. Беше присутен, полн со енергија, а дури и не сфати колку добро му оди. Со оглед на годишнината од смртта на неговата мајка и неговата кариера, се чувствуваше како преродба за него“, рече Полсон.

Паскал додаде дека таа вечер го почувствувал силното присуство на мајка си: „Чувствував дека е таму. Не знам како да го објаснам тоа, но таа ноќ целосно го промени мојот поглед на таа годишнина. Тоа беше целосна трансформација на едно тажно сеќавање.“