Претседателот на Кина, Си Џинпинг, изјави денес дека Кина е подготвена да соработува со САД, без оглед на меѓусебните разлики, за двете земји да можат заедно да одговорат на глобалните предизвици, пренесоа кинеските државни медиуми.
Во писмото доставено до присутните на годишната вечера на Националниот комитет за односи меѓу САД и Кина со седиште во Њујорк, Си Џинпинг напишал дека клучните односи во светот зависат од тоа дали двете земји можат да воспостават соодветни меѓусебни односи.
Повикот на кинескиот претседател за постабилни билатерални врски, за кои вели дека треба да се градат врз принципите на меѓусебно почитување и мирен соживот, доаѓа пред клучната посета на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на Вашингтон подоцна оваа недела, објави медиумската агенција Reuters.
Претседателот на САД, Џо Бајден и Си Џинпинг се очекува да се сретнат во Сан Франциско на ноемврискиот самит на АПЕК.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, ќе се сретнат со Ванг Ји во петок во Вашингтон, објави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
Според неа, на средбата ќе се разговара за отворените прашања меѓу двете земји.