Противпожарната служба во Западен Јоркшир објави шокантна видео снимка од имот во Илингворт со обид и цел да ја едуцира јавноста за литиум-јонските батерии.
На видеото се гледа како сопственикот брзо се симнува по скалите среде ноќ откако го разбудил звукот на палење на батериите на неговиот електричен мотоцикл што се полнел во куќата. Таквиот звук е показател дека батериите не работат и создаваат премногу топлина. Само неколку секунди подоцна избувнал пожарот а се вклучил и алармот.
Началникот на противпожарната служба во тој регион, Џон Кавалиер од единицата за истрага на пожари кажал дека пожарите предизвикани од литиум-јонските батерии се вообичаени и чести.
„Ова видео покажува апсолутен хорор. Никој од нас не би сакал ова да се случи во нашиот дом“, кажал тој.
Пожарот избувнал на 24. февруари околу 01:00 часот по полноќ, а пет лица завршиле во болница поради вдишување чад, додека едно лице се здобило со изгореници на устата и дишниот пат. Никој од повредените не е посериозно повреден и се надвор од животна опасност. Кујната на имотот била тешко оштетена од чад и топлина, а пожарот оштетил и други делови од куќата бидејќи вратата била отворена додека луѓето бегале, се наведува на веб-страницата на противпожарната служба.
„Литиум-јонските батерии може да се најдат во многу предмети и пожарите предизвикани од нив се вообичаени. Може да се најдат во автомобили, велосипеди, скутери, лаптопи, мобилни телефони, електронски цигари и многу други предмети. Другите пожари со кои се справуваме имаат тенденција да се развиваат бавно, така што луѓето имаат шанса да излезат од областа. Сепак, пожарите предизвикани од литиум-јонски батерии се жестоки и се шират толку брзо што нема многу време за бегство“, вели Кавалиер, предупредувајќи:
„За да ги заштитите сите во вашето семејство, не оставајте такви батерии на полначот без надзор. Не ставајте ги на излезите од собите и исклучете ги полначите кога батериите ќе се наполнат“.