Претходниот претседател на парламентот, Петер Пелегрини, кој е кандидат на владејачката коалиција за претседател на Словачка, победи во вториот круг од претседателските избори, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на речиси комплетните резултати од гласањето.
Со преброени 99,8 отсто од гласачките ливчиња, Пелегрини добил 53,20 отсто наспроти 46,80 отсто за неговиот проевропски противкандидат Иван Корчок, покажуваат податоците објавени од Словачкиот завод за статистика.
-Тоа е голема сатисфакција. Сакам да бидам претседател кој ќе ги штити националните интереси на Словачка, рече Пелегрини во говорот пред своите поддржувачи.
Пелегрини увери дека сака да направи се за да може Словачка да остане на страната на мирот, а не на страната на војната.
Словачкиот опозициски претседателски кандидат Иван Корчок го призна поразот во гласањето и му честиташе на Пелегрини за победата.
Корчок, исто така, изрази надеж дека Пелегрини ќе биде независен претседател и ќе постапи според сопственото убедување и без да добива наредби од друг, навестувајќи ги на тој начин блиските врски меѓу идниот претседател и премиерот Физо.
Корчок го обвини Пелегрини за нетранспарентна кампања и рече: „Се чини дека е можно човек да стане претседател на Словачка со ширење омраза“. Притоа, тој го прекори таборот на Пелегрини што го прикажувале за време на кампањата како „воен кандидат“ кој го поддржува воениот ангажман на Словачка во Украина.
Пелегрини е лидер на партијата „Глас – Социјалдемократија“. Тој беше министер во претходните влади на Физо. Тој дури го смени како премиер во 2018 година, откако Физо беше принуден да поднесе оставка по протестите предизвикани од убиството на истражувачки новинар и неговата свршеница.
Пелегрини официјално ќе ја преземе функцијата на 15 јуни