– Претседателот Стево Пендаровски смета дека во моментов, воопшто не постои шанса да се доближиме до две третини мнозинство во Собранието потребни за промена на Уставот.
-Објективната проценка денес е дека не можеме да стигнеме до две третини за промена на Уставот. Дали ќе се промени нешто во наредниот период ќе видиме. Тоа ќе се одвива пред се во убедување на оние кои се сега против, дека утре и они кога ќе дојдат на власт ќе го имаат истиот проблем доколку сакаат влез во ЕУ, а ако не се за влезот во ЕУ, тоа треба чесно на луѓето да им го кажат, истакна Пендаровски вечерва во гостувањето на Топ Тема.
Тој напомена дека додавањето на народите во Уставот нема да ја наруши државата, ако на пример се додадат Црногорците, Хрватите, не само Бугарите, или евентуално делови од еврејската заедница.
– Хрватска има над 20 народи ставени во Уставот и таму нема никаков проблем. Ако мене ме прашувате и ако сум јас денеска пратеник, јас не утре туку денеска ќе гласам за такви уставни промени. Но, од она што го гледам во овој момент, воопшто не постои шанса да се доближиме до две третини потребни за промена на Уставот. Атмосферата е таква, од политичките изјави на многу од чинителите и на страна на опозицијата, но и од поединците од страна на владеачката коалиција кои јасно кажуваат под какви услови би гласале, а некои велат под никакви услови, додава претседателот.
Сепак, според Пендаровски, најбитно е што нема мегаломански барања во европската преговарачка рамка, за која се согласија 27 земји членки, вклучително и Република Бугарија. Тој смета дека друга рамка за преговорите нема да има, без разлика колку тие ќе траат.