Пендаровски го прифати поразот: На победникот му посакувам успешна работа во следните пет години

Актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски го прифати поразот и им честиташе на победниците. Напомена и дека не е чиста совеста на оние кои не гласале за претседател и решиле да бојкотираат.

„Да им се заблагодарам на сите учесници во изборниот процес и на сите институции кои се погрижија овој ден да биде фер и демократски. Знаеме дека има пријави за изборни прекршувања, но оставаме на институциите да ги решат и да не оставаат темни дамки во изборниот процес“.

„Резултатите се јасни и немам намера да ги елаборирам. Според резултатите, сакам да им честитам на победниците, да им посакам успешна работа во следните пет години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија целосно интегрирана во евроатлантските структури денес, за жал, не ја доби поддршката од мнозинството граѓани“.

„Длабоко сум убеден дека тоа е единствениот начин Македонија да биде демократска и просперитетна држава. Затоа мојата совест е мирна. Не сум сигурен дека совеста им е чиста на тие што не дозволија граѓаните да го изгласаат вториот глас и да гласаат денеска на претседателските избори“, рече Пендаровски.