Волјата да се среќаваш со некого зависи од тоа дали постои амбиент да се направи позитивен исчекор во односите, не само да одиш и да се сликаш. Тоа сум му го кажал и на колегата Радев – не гледам дека има амбиент, пред се, поради нивните постапувања во минатите две-три години кон нас, за да може да се сретнеме и од таа средба да испратиме позитивна порака за двете јавности, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со комуникацијата што ја има со неговиот бугарски колега Румен Радев.
Билатералните односи со Бугарија, рече, не се на многу високо ниво и состојбата е статус-кво.
Во интервјуто за емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24 Пендаровски рече не е точно дека почесто се гледал со српскиот претседател Александар Вучиќ отколку со бугарскиот Румен Радев. Со Вучиќ се видел, рече, трипати во изминатите четири години, и на мултилатерални форуми, не само билатерално, а последниот пат на одбележувањето на 2 Август во „Прохор Пчињски“. Со Радев се имал видено пет пати во изминатите три-четири години, последен пат на т.н. миниенергетски самит во Софија.
-Со најновата политичка бугарска влада постои извесна промена на политичката реторика, но проблемот е во тоа што претходните три години бугарската страна, вклучително и претседателот и тие технички влади кои беа под негова команда во меѓувреме, за жал не работеа на креирање амбиент во кој можеме да разговараме за европските интеграции со европски аргументи, туку со аргументи околу старите балкански антагонизми од 19 век и национализми кои предизвикаа толку многу деструкција и страдање на обичните луѓе во изминатите век, век и половина, рече Пендаровски.
Првите пројави од Бугарија дека имаат намера да нѐ блокираат на патот кон ЕУ, рече шефот на државата, не се појавиле по потпишување на билатералниот Договор меѓу Заев и Борисов во 2017, туку првпат пред околу три години кога во Брисел нивниот амбасадор, како што рече, „по инструкции од неговото МНР и тогашната Влада и претседател“, почнал во писмена форма да поставува барања, како на пример дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, администрација, а не окупација, или дека Македонците се од 1944..
-Тие беа шок за секој од нас. Изненадени од тие барања беа и сите други земји членки. Такви тип на дискусии немаше ни во тогашната историска комисија, рече Пендаровски.
Таков формален документ на бугарската држава во пишана форма со анахронизам од 19 век и, како што рече, „во срцето на Европската Унија“, било запрепастувачки за сите што ги следат процесите на ЕУ-интеграциите во Брисел.
-Не се навестуваше ништо дека ќе стане политички став тоа што тврдите бугарски националисти го зборуваа пред пет или пред осум децении…Ако некој ми тврди дека тие барања имаа основа во билатералниот Договор, тогаш или не го читал Договорот или зборува само од политички мотиви колку да се допадне на еден дел од електоратот и да го оцрни својот политички опонент, додаде Пендаровски осврнувајќи се на политичките односи со Бугарија.
Претседателот на државата заминува за Њујорк каде што ќе ја предводи македонската делегација на Генералното собрание на Обединетите нации.
Во интервјуто Пендаровски соопшти дека за време на престојот ќе има средба со генералниот секретар на Организацијата, Антонио Гутереш, и во таа пригода, во годината кога се одбележуваат 60 години, ќе го одликува за се што ОН направиле за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес.