Претседателот на РМ Стево Пендаровски, по повод новогодишните празници, упати честитка до граѓаните на Република Македонија. Пендаровски вели дека 2023 година била година во која немало многу причини за радост и славење.
Тој вели дека глобалните кризи, заедно со домашните проблеми, придонеле повеќе да се размислува за ублажување отколку за развој.
„Ги гледаме ефектите околу нас: апатија, недоверба и разочарување кај граѓаните. Но, низ историјата сме поминале и многу потешки времиња и не сме ја изгубиле вербата и надежта. Мора да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот. Во новата година да бидеме подобри, пообединети, потолерантни како поединци и како заедница. Да ги надминеме заблудите кои не кочат со години. Наместо да се натпреваруваме за материјални добра, да ѝ дадеме приоритет на добрината, да си помагаме, да градиме хумано и благородно општество“.
„Искрено, посакувам во 2024 година здравјето да ни служи пред се. Без разлика на етничка, политичка, верска, полова или која било друга припадност, сите живееме под исто небо, дишеме ист воздух, заедно го делиме доброто и лошото. И со заеднички сили можеме да донесеме просперитет на нашата мала, но убава татковина“, вели во честитката Пендаровски.