Немам проблем да кажам дека сме не само пријатели туку и како народи имаме братски односи што, верувам, и понатаму ќе ги развиваме, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со претседателот Стево Пендаровски, кој на Денот на Република Северна Македонија престојува во работна посета на Србија.
Вучиќ го пречека својот колега во манастирот „Прохор Пчински“, каде што во присуство на верниците е одржана заедничка литургија на Српската и Македонската православна црква, а Пендаровски и Вучиќ положија венец.
Овој манастир е од големо историско значење за Северна Македонија бидејќи тука е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, што се смета за почеток на државноста.
Двајцата претседатели одржаа состанок и потоа ѝ се обратија на јавноста.
„Тоа што овој манастир се наоѓа на странска територија не значи дека не треба да доаѓаме и да им оддаваме почит на оние што го направија тој државотворен чин пред многу години. Посебно се заблагодарувам што оваа година нѐ пречека српската делегација предводена лично од претседателот на Републиката“, изјави Пендаровски.
Претседателот на Северна Македонија го посети овој манастир на ист датум и минатата година, кога првпат по 80 години е служена заедничка литургија на двете православни цркви.
„Се надевам дека ова ќе стане добра традиција што нема да биде прекината. Ако Господ ни даде здравје, следната година повторно ќе се видиме на ова место да им оддадеме почит на нашите национални великани“, истакна Пендаровски.
Вучиќ рече дека посетата на Пендаровски ги потврдува исклучителните односи меѓу Србија и Северна Македонија.
„Немам проблем да кажам дека сме не само пријатели туку и како народи имаме братски односи или, поубаво е да кажеме, сестрински односи. Во секој случај, верувам дека тие односи и понатаму ќе се развиваат. Нашата трговска размена е 1,5 милијарди евра на годишно ниво и верувам дека ќе продолжи да расте. Многу од тоа заеднички го работиме за да ги олесниме животот и стандардот на граѓаните и на Северна Македонија и на граѓаните на Република Србија“, рече Вучиќ.
Му се заблагодари за гостопримството на владиката Пахомиј, а потоа и на патријархот Порфириј.
„Сакам да му се заблагодарам на српскиот патријарх Порфириј на историските одлуки што Српската црква ги донесе за благосостојбата и користа на двата наши народа, на српскиот и на македонскиот. Ние повеќе немаме никакви отворени прашања. Ние Србите ги сакаме Македонците, Северна Македонија, ништо не ни е потребно, освен да соработуваме уште подобро и уште повеќе“, рече Вучиќ.
Празникот Илинден на верниците Вучиќ им го честиташе и на македонски јазик.