Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан и дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, кој престојува во посета на Република Северна Македонија при што разговарале за состојбите во Косово и очекувањата од дијалогот, за најновиот развој на настаните во регионот, влијанието на руската инвазија врз Украина и неопходноста од одржување на регионалната стабилност.
-Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија, како и досега, активно ќе придонесува за унапредување на регионалната соработка со цел обезбедување на мирот, стабилноста и напредокот на регионот. Во таа насока, претседателот истакна дека нашата држава го поддржува дијалогот Белград – Приштина за изнаоѓање сеопфатно решение и нормализирање на односите меѓу двете земји со посредство на ЕУ и САД, потенцирајќи дека мирното решавање на отворените прашања на Западниот Балкан треба да биде апсолутен императив за сите, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателот.
На средбата, се посочува, беше разговарано и за актуелните политички состојби во Северна Македонија, при што беше потенцирана важноста од обезбедување на конструктивен политички дијалог и целосна имплементација на реформските процеси во клучните области.
-Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија останува максимално посветена на процесот на пристапните преговори за членство во Европската Унија и го поздрави денешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, стои во соопштението.