– Ние не смееме да дозволиме фалсификување на вистината за холокаустот на македонските Евреи бидејќи компромисот со вистината отвора можност за повторување на злосторствата. Антисемитизмот, не е, и никогаш не бил македонски феномен, но, оваа вистина мора да ја чуваме и да ги едуцираме нашите ученици и студенти, нашите млади за злото на антисемитизмот и за опасноста од ксенофобијата, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќање на комеморативната вечер во спомен на депортираните македонски Евреи во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
-На овој ден, пред 81 година, Евреите од Скопје, Битола и Штип беа насилно собрани од своите домови и транспортирани во зградата на скопскиот Монопол. Живото Еврејско маало што се наоѓало на просторов на кој денеска сме собрани, за час било испразнето и запустено. Тоа не била случајна или стихијна, туку, детално испланирана и спроведена акција на бугарскиот фашистички окупатор. Акцијата не била изолиран чин, туку интегрален дел од нацистичкиот план утврден на Конференцијата во Ванзе за „конечното решение на еврејското прашање“, рече Пендаровски.
Планот, додава тој, предвидувал систематско уништување на сета еврејска популација од Европа, вклучувајќи ги и Евреите од територијата на тогашна окупирана Македонија. Пендаровси потсетува дека во гасните комори во Треблинка за само 13 месеци, од август 1942 до септември 1943 година, околу 900 000 лица биле систематски убиени, а меѓу нив биле и македонските Евреи кои во тоа време претставувале 98 проценти од севкупната македонска еврејска популација, и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна.
-Никаде во Европа „конечното решение на еврејското прашање“ не било поефикасно спроведено отколку во тогашна окупирана Македонија, подвлекува претседателот Пендаровски.
Сведоштвата на преживеаните од нацистичките логори ја замрзнуваат крвта, наведува тој, а преживеаните се согласни дека во нивните јазици недостасувале зборови за да го изразат тоа поништување на човекот. Пендаровски се осврнува и на мемоарите на Симон Визентал за ужасите на германски концентрациони логори и сведоштвото на еден од преживеаните од Аушвиц, Примо Леви, дека еден сон, една мисла ги прогонувала самите затвореници оти кога еден ден ќе се вратат дома и кога на некој близок ќе им раскажуваат за страдањата што ги минале дека нема да им поверуваат бидејќи сведоштвата се премногу монструозни за да им се верува.
-Македонските Евреи кои биле депортирани во Треблинка биле лишени дури и од можноста да сонуваат, а камоли да зборуваат бидејќи само часови по нивното пристигнување, сите до еден биле процесирани, соголени, спроведени во гасните комори, а нивните безживотни тела биле запалени. Од нив нема кој да зборува, бидејќи ниту еден не преживеал.Нивните имиња, 7 144 на број, педантно евидентирани од страна на фашистите, денес се испишани под трите урни со пепел од Треблинка. Ние немаме право да заборавиме, бидејќи заборавот е втора смрт. Но, нашето сеќавање не смее да биде селективно. Чувајќи ги спомените за жртвите, не смееме да дозволиме злосторниците да бидат славени, а соучесниците рехабилитирани. Бидејќи на тој начин би учествувале во она што Примо Леви го нарече војна против меморијата и фалсификување на историјата. Ние не смееме да дозволиме фалсификување на вистината за холокаустот на македонските Евреи бидејќи компромисот со вистината отвора можност за повторување на злосторствата, подвлече Пендаровски.
Антисемитизмот, нагласи тој, не е, и никогаш не бил македонски феномен, бидејќи на нашиот простор постоел вековен меѓуетнички и меѓурелигиски соживот, и почитување на различноста.
-Нема посилен доказ за ова од фактот дека голем дел од преживеаните македонски Евреи, оние кои беа спасени и ја избегнаа депортацијата, активно се вклучија во народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ. Меѓу нив има партизани, народни херои и учесници на државотворното заседание на АСНОМ. Преживеаната еврејска заедница придонесе за изградбата на слободната македонска држава. Затоа, иако е малобројна денес, еврејската заедница во Северна Македонија е високо почитувана. Но, оваа вистина мора да ја чуваме и да ја пренесуваме на идните поколенија. Треба да ги едуцираме нашите ученици и студенти, нашите млади за злото на антисемитизмот и за опасноста од ксенофобијата. Тоа се и обврски што како држава ги преземавме на Меѓународниот форум за холокаустот во Малме. Иако не е лесно, ниту пријатно да се истражува овој амбис на злото, сепак е неопходно, за да не дозволиме злосторниците да го имаат последниот збор, порача претседателот Пендаровски.
На комеморацијата вечерва во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше прикажан и филмот „Монопол“ од Гал Геносар, снимен според вистинска приказна за едно македонско еврејско семејство, а свои обраќање имаа и претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, амбасадорката на Државата Израел, Симона Франкел и германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
По повод одбележувањето на 81 година од депортирањето на македонските Евреи во нацистичкиот логор „Треблинка“, денеска беше положено цвеќе пред споменикот на 7.144-те депортирани македонски Евреи во дворот на поранешниот скопски Монопол. Меѓу оние кои положија цвеќе, беа претседателот на државата, Стево Пендаровски, техничкиот премиер Талат Џафери, пратеници и амбасадори.