Пендаровски од Крушево: Ниту сум бојкотирал, ниту, пак, ќе бојкотирам избори, на 8 мај ќе славиме во цела Македонија 

– Борбава и формално правно и политички почнува од нула како да немало прв круг. На 8 мај не само овде во Крушево ќе славиме и во цела Македонија, порача претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на средбите со жителите на Крушево.

Тој ги негираше обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

-Веројатно сте слушале вчера, денес од кога заврши првиот круг, нашиве политички противници коишто се уште се убедени дека ќе победат, нека живеат во тоа уверување, почнуваат да ги кажуваат овие муабети што ги зборуваат уште во првиот круг, ќе била разликата толку голема и ќе сме немале  никакви шанси да победиме затоа ќе сме бојкотирале. Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам, а кој сака нека бојкотира, рече Пендаровски 

Посочи дека не бојкотирал ни во 2014 година, ни во 2019, ни 2016 година, а, како што кажа, нема да бојкотира избори ни оваа 2024 година.

-Тие нека му ја мислат за крајниот резултат. Ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме. И во минатото и денес, крушевчани секогаш знаеле да донесат правилна одлука. Тоа го докажаа на првиот круг од претседателските избори. Знам дека и на 8 мај нивниот избор ќе биде бројот 1. Македонија заслужува натпартиски, претседател на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност, рече Пендаровски.