Пендаровски: Руската агресија врз Украина создаде пропаганден фронт на Балканот

– Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, се обрати на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“.

Претседателот Пендаровски рече дека дезинформациите како средства за психолошка војна не се нов феномен, додавајќи дека кон нив особено се ранливи демократските општества со постоење на слободата на изразување.

Тој нагласи дека пропагандните кампањи против демократските системи се во подем во последната декада, особено со појавата на интернетот и социјалните мрежи, за кои рече дека имаат двојна природа и се „екстремно ефикасни алатки“ чиишто ефекти зависат од целта за што се употребуваат.

„За разлика од традиционалните медиуми со позната уредувачка хиерархија, социјалните мрежи и онлајн порталите, што најчесто се меѓусебно поврзани, често служат или како платформи на кои други субјекти објавуваат или имаат затскриена уредувачка структура. По својата природа, тие се лесно достапни, брзо го окупираат вниманието на читателите и создаваат лажна слика на кредибилност и точност“, рече Пендаровски.

Тој истакна дека македонското општество не е исклучок од овие трендови, додавајќи дека Северна Македонија е релативно лесна цел на дезинформациските кампањи поради слабата институционална и општествена отпорност кон нив.

Пендаровски исто така рече дека зачленувањето на земјата во НАТО ја прави цел на малигно влијаније од надвор, а зборуваше и за „пропагандниот фронт“ создаден на Балканот по руската агресија врз Украина.

„Руската агресија врз Украина создаде не само реален фронт на истокот на Европа, но и пропаганден фронт на Балканот бидејќи кога агресорот ја губи битката, јасно е дека ќе настојува да отвори нов фронт за да си ја олесни положбата. Не смееме да ги игнорираме индициите дека зад проблемот со нашите евроинтеграции, или зад тензиите во Косово и во Босна и Херцеговина, покрај објективните прашања и проблеми кои не се решени, има и голема количина на дезинформации и т.н. непријателско поттикнување“, рече Пендаровски.

За борба против ваквите појави, претседателот на Северна Македонија повика на решавање на случаите на висока корупција и транспарентност во работата на органите на власта.

„Сите информации, освен оние од безбедносен карактер, треба да ѝ бидат достапни на јавноста затоа што вистината е најдоброто оружје против дезинформациите и лагите“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека за да се постигне долгорочна отпорност на македонското општество кон штетните влијанија на дезинформациите, клучно е образованието, односно вклучување на медиумската писменост во образовниот систем.