Пендаровски: Уставните измени приоритет, или интересите на партијата или европската иднина

Наш приоритет во овој момент се уставните измени што произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, а за сите останати прашања постои јасна политичка волја да водиме легитимна демократска политичка дебата и веднаш потоа да ги завршиме и тие обврски. Во таа смисла ги повикувам сите проевропски политички партии и пратеници во Собранието да го направат својот избор. А тој избор е едноставен – или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава.

Ова го нагласи претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на панел дискусијата „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Република Северна Македонија и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел.

-За нас, приоритетите во процесот на пристапување се ургентни. Нашата прва задача е да ја исполниме обврската што ја преземавме прифаќајки ја Преговарачката рамка што овозможи земјава по повеќе од деценија и половина со кандидатски статус конечно да ги отвори преговорите со првата Меѓувладина конференција и со процесот на скрининг, рече Пендаровски.

Таа обврска, додаде, е јасна и неспорна и треба да ја завршиме со вклучување во Уставот на оние три и пол илјади наши граѓани кои на последниот попис се изјаснија како етнички Бугари, во преамбулата и во нормативниот дел, на идентичен начин на кој претходно беа вклучени и другите делови од народи. Со тоа, рече Пендаровски, уште еднаш ќе потврдиме дека почитувањето на правата на етничките заедници и мултикултурализмот на македонското општество се наша специфика со која се гордееме и не се срамиме. 

-Додека сме фокусирани врз уставните промени, треба внимателно да ги разгледаме сите забелешки што произлегуваат од скрининг процесот, затоа што понатаму, ќе мора да бидеме подготвени на процес во кој не смееме да симулираме реформи, туку вистински да го менуваме нашиот систем. Симулацијата на реформи не само што не е во интерес на македонските граѓани, туку е и невозможна во услови кога промените ќе бидат детално контролирани од европските институции, дециден е претседателот.

Порача дека владеењето на правото е почеток и крајот на сите реформи, услов без кој не може да функционира ниту еден сегмент од општеството.

-Држава која нема сила да ја совлада корупцијата и да обезбеди функционални институции не е во состојба да спроведе ниту една реформа од економијата и екологијата. се до културата и спортот, нагласи Пендаровски.

Тој се осврна, и на, како што рече, „политичка мантра“ која често ја слушаме во ЕУ и од нејзините држави-членки, но и во нашата држава и во другите држави во регионот.

-Тоа е фразата „замор на проширувањето“. И додека тој „замор во проширувањето“ е разбирлив кога го слушаме од граѓани, сосема е неразбирливо и се разбира, неоправдано и неодговорно таа фраза да се користи како изговор од страна на политичките претставници кои се избрани и платени за да креираат политики и работат за подобро денес и утре на нивните граѓани. Наша обврска е, на политичарите, да ја вратиме енергијата и динамиката на процесот, кој, барем за државите од Западен Балкан се движи пребавно. Ние, политичките претставници на граѓаните, кои сме ја добиле довербата на граѓаните на проевропски политички платформи, треба да сме свесни дека со секое повторување на оваа мантра не само што шириме дефетизам и му одмагаме на процесот, туку и го засилуваме ефектот што го посакуваат и отворените и прикриените противници на проектот Обединета Европа, рече Пендаровски.

Според него, единствениот ефект од таквиот наш однос е одржувањето на геополитичкиот вакуум што веќе се создава.

-Притоа, свесни дека вакуумот во политиката не трае долго време, јасно е дека наместо ЕУ, тој вакуум ќе биде пополнет со актери чие недемократско и деструктивно влијание создава поделби и конфликти и го успорува социоекономскиот развој. Оттаму, мојата порака до сите политички актери кои макар и формално ја поддржуваат европската интеграција е да престанеме да се занимаваме со „заморот“, и да се фокусираме на процесот, истакна Пендаровски.

На панелот се обратија и евроамбасадорот Дејвид Гир, шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, претседателката на Либерално демократска партија Моника Зајкова, претседателот на Алтернатива Африм Гаши, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром Тимчо Муцунски.

Настанот го отворија  Милева Ѓуровска, претседателка на Европското движење, Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер и Катерина Јакимовска, виш координатор за настани во Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс.