Линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари од септември, минимална пензија од 18.000 денари за пензионерите со најниски пензии, но и на сите лица со стаж од 5 до 12 години на кои им се одбивани средства за пензиско и инвалидско осигурување по остварување на правото на пензија по 15 години стаж, средствата да им бидат вратени по една третина од пензијата и други барања, беа изнесени на денешниот протест на група пензионери од Крива Паланка, членови на Здружението на пензионери од Крива Паланка и Ранковце.
Иницијативниот одбор што го организираше протестот обвини и за нелегално трошење на чланарината и бараат таа да биде на доброволна основа.
-Сојузот на пензионери е невладина, непартиска организација која дозволува самоиницијативно членување во истата, како и самоиницијативно откажување кое досега не се дозволуваше. Сметаме дека кој сака може да членува, а ко не сака не мора, додека средствата од солидарниот фонд да си останат да се одбиваат, рече Борика Станоевска, претседателка на Иницијативниот одбор.
Присутните ги поддржаа генералните барања за покачување на пензиите и изнесоа дополнителни барања, меѓу кои и измени на законот за пензиско и инвалидско осигурување, во делот „исплата и оделување на чланарина“. Изразија незадоволство од сегашното раководство за кое рекоа дека е нелегално избрано и дека парите од чланарина се трошат ненаменски, односно не се информирани за што се тршат.
Од раководството на Здружението на старосни пензионери од Крива Паланка и Ранковце велат дека минатата недела и тие биле дел од протестите и дека генерално ги поддржуваат барањата за зголемување на пензиите, но не и начинот на нивното решавање како што предлага Иницијативниот одбор.
-Даваме поддршка на барањата, но сметаме дека решенијата треба да се бараат во институциите на системот, а не на улица. Инаку, избрани сме сосема легално, според статутот, додека барањето за укинување на чланарината ќе доведе до згаснување на пензионерските здруженија кои од овие средства ги финансираат активностите за нивните членови, изјави Трајче Давидовски, претседател на Здружението.
Иницијативниот одбор најави дека барањата ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика и Фонд за пензиско и инвалидство осигурување, а истовремено побараа оставки од министерката за труд и социјална политика и од претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија.
Иницијативниот одбор ги повика пензионерите да присуствуваат на протестот на 20 септември во Скопје, на Денот на пензионерите.