Пентагон најави дополнителни 2,1 милијарди долари воена помош за Украина

Пентагон денеска најави дека ќе обезбеди дополнителни 2,1 милијарди долари долгорочна помош за оружје за Украина. Новиот пакет помош ќе вклучува финансирање за повеќе муниција за ракетниот систем „Патриот“, и ракетни системи „Хок“ како и мали беспилотни летала „Пума“ што можат да се лансираат рачно.

Помошта, еден од поголемите пакети што ги обезбедија САД, доаѓа бидејќи има знаци дека Украина ја почнува – или ќе ја почне – толку очекуваната контраофанзива за да се обиде да ја врати територијата што беше заземена од Русија, јавија американски медиуми.

Парите ќе бидат обезбедени во рамките на Иницијативата за безбедносна помош на Украина и треба да се потрошат во текот на следните месеци или години за безбедносните потреби на Украина.

Во соопштението, Пентагон наведува дека пакетот ја покажува континуираната посветеност на САД „на критичните краткорочни способности на Украина како и на трајниот капацитет на вооружените сили на Украина да ја бранат својата територија и да ја одвратат руската агресија на долг рок“.

војнаРусијаСАДУкраина