Перо Антиќ, поранешниот кошаркар и актуелен претседател на Македонската кошаркарска федерација, ќе организира хуманитарна аукција со продажба на неговиот дрес со кој во 2017 година ја освои Евролигата бранејќи ги боите на турскиот клуб Фенербахче, јави ТРТ Балкан.
„Деновиве, со помош на моите браќа Волкан Демирел и Мелих Махмутоглу ќе го ставам на аукција дресот од финалето од Евролигата против Олимпијакос, а парите од продажбата ќе одат кај оние на кои им се најпотребни“, објави Антиќ на неговиот Инстаграм профил.
За потсетување, Антиќ во 2017 година по трет пат стана европски клупски првак, и во големото финале придонесе тимот на Фенербахче да ја освои титулата во Евролигата.
Фенербахче во финалето кое се одигра во Истанбул го совлада Олимпијакос, поранешниот клуб на Антиќ со кој претходно освои две евролигашки титули.
Антиќ исто така е поранешен член на македонската кошаркарска репрезентација со која стигна до полуфиналето на Евробаскетот во Литванија во 2011 година. Во кариерата настапуваше и во НБА лигата за тимот на Атланта Хокс.
Досега повеќе македонски спортски ѕвезди решија да се вклучат во хуманитарните напори за помош на настраданите од силните земјотреси од 7.7 и 7.6 степени кои погодија 11 турски провинции на југоистокот на земјата и соседна Сирија и одзедоа над 50.000 животи во двете земји.