Кремљ денеска соопшти дека постигнувањето на воените цели на Русија во Украина има приоритет пред сите можни мировни преговори, јави ДПА.
„До моментов нема сигнали од Киев дека Украинците се подготвени да преговараат. Во тој случај постигнувањето на нашите цели е најважно, тоа е наш апсолутен приоритет“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку пати изјави дека нема да преговара со неговиот руски колега Владимир Путин.
Според Зеленски, Русија треба целосно да ги повлече своите трупи од Украина како предуслов за почеток на мировните преговори. Москва, која започна целосна инвазија на Украина пред една година, го отфрли барањето како апсурдно.
Портпаролот на Кремљ рече дека пред да започнат какви било разговори, Украина мора прво да ги признае регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје како дел од Русија.
Москва нема целосна контрола врз ниту еден од четирите украински региони што ги објави во септември дека ги анектирала.
Портпаролот на Кремљ додаде дека Русија продолжува да ги следи воените цели во Украина, а како една од нив ја спомена демилитаризацијата на Украина, снабдена со оружје и муниција од Запад.
Во интервју за рускиот весник „Известија“ објавено денеска, Песков рече дека германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон дале „многу изјави“ во врска со војната во Украина, но дека не излегле со никакви иницијативи за решавање на конфликтот.
„Секој треба да го знае ова“, нагласи портпаролот на Кремљ. Во исто време, тој додаде дека „Путин останува отворен за нови предлози“.