– Рускиот претседател Владимир Путин во моментов не планира никаков контакт со неговиот американски колега Џозеф Бајден, откако одлучи Москва да се повлече договорот Нов СТАРТ, соопшти денеска Кремљ.
Путин денеска соопшти дека Русија го суспендира своето учество во договорот со САД за ограничување на нуклеарното оружје, таканаречениот договор Нов СТАРТ (Мерки за натамошно намалување и ограничување на стратешкото офанзивно оружје – Measures for the Further Reduction and Limitation of Strategic Offensive Arms), потпишан во 2010 година и се закани дека ќе спроведе нови нуклеарни проби ако САД први го направат тоа.
Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, на новинарско прашање дали оттогаш имало барање од американска страна за контакт на претседателско ниво, одговори дека „сите ја слушнале првата реакција на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и американскиот државен секретар Ентони Блинкен“ и дека не се планира контакт.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека жали за денешната одлука на рускиот претседател Владимир Путин да го прекине учеството на Русија во договорот и ја повика Москва да ја преиспита својата одлука и да ги почитува договорите.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека одлуката на Русија е „многу разочарувачка и неодговорна“. Блинкен им рече на новинарите во американската амбасада во Атина дека „САД се подготвени да разговараат за ограничување на стратешкото оружје со Русија“.
Песков рече дека Путин и Бајден последен пат комуницирале пред почетокот на „специјалната воена операција“, како што ја нарекува Москва инвазијата врз Украина.