Министерката за одбрана во заминување Славјанка Петровска,која пред неколку дена најави дека ќе влезе во трката за нов лидер на СДСМ, рече дека ако не биде избрана за претседател, нема да извршува друга партиска функција.
Изјавата на Петровска доаѓа откако Јован Деспотовски, уште еден кандидат за челното место во СДСМ, во објава на својот фејсбук-профил побара секој учесник на внатрешните избори за претседател на партијата да се обврзе дека нема да прифаќа ниедна друга функција, ниту на централно, ниту на локално ниво, ако не биде избран. Деспотовски додаде дека според него ова правило ќе овозможи фер игра, како и дека овој предлог го доставил до партиската централна изборна комисија.
Во изјава за телевизијата Телма, Петровска денеска најави дека во текот на нареднава недела и официјално ќе ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ, согласно партискиот Статут. Но, таа побара, освен обврската за поразените на внатрепартиските избори да не влегуваат во партиските тела, да се воведе и обврска никој да не може по третпат да се кандидира, како и задолжение дека ако некој кандидат или избраниот претседател се соочи со кривична одговорност, да се повлече од функцијата.