Петровска: Армијата забрзано се модернизира, пристигнати се 32 JLTV оклопни возила, Страјкер доаѓаат следната година, наскоро одлука за набавка на хеликоптери

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за ТВ24 рече дека продолжува силното темпо на модернизација на Армијата поддржано со значајни инвестиции.

– При процесот на модернизација на Армијата многу се важни два сегмента: прво е важно да имате стабилен план кој е одржлив и може да биде реализиран и второ да имате соодветно финансирање, односно буџетирање. Во случајот со одбраната тоа е факт, рече Петровска.

Таа додаде дека стратешките документи, каде се точно наведени плановите за тоа кој сегмент на Армијата, како ќе се развива со конкретно дадени рокови веќе постојат и согласно планираното се исполнуваат, а за тоа има и соодветно буџетирање, што недостасувало пред 2018 година.

– Постои една сериозна дупка од десетина години кога во одбраната се немало големи инвестиции, што не е случај од 2018 година наваму. Порастот во буџетот секоја година за одредена стапка, нè доведе до тоа да сега оваа година имаме 1,85 отсто од БДП, средства кои се доделени на Министерството за одбрана и Армијата со намера согласно плановите следната година тој процент да постигне 2 отсто, рече Петровска.

Министерката истакна дека пристигнати се вкупно 32 JLTV лесни оклопни возила, а согласно планот „Страјкерите“ треба да стигнат во текот на 2024 година, а информираше и за тековните набавки на други видови  опрема.

–  Во Министерството и Армијата веќе се знае како ќе ги користиме средствата за следната година. Набавките на JLTV, на Страјкерите, договорите кои ги потпишавме минатата година со Турција за набавка на артилериски систем, со Франција за набавка на систем за противвоздушна одбрана, со Чешка за ремонт на два хеликоптери кои веќе ги имаме и кои ќе бидат користени сè додека не стигнат новите хеликоптери за кои постапката е веќе при крај, се повеќегодишни и бидејќи се огромни суми на финансиски средства истите се планирани да се исплаќаат повеќе години, изјави  Петровска.

Таа го повтори ставот дека секоја од одлуките за донација на опрема е носена врз база на позитивно мислење од стручното тело, односно Генералштабот на Армијата и дека опремата која е донирана согласно стратешките документи во државата не е планирано да се употребува и не е согласно стандардите на Алијансата.

–  Кога се носи секоја одлука, пристигнува барање од страна на украинската страна и во тоа барање е наведено каква опрема им е неопходна. Таквата информација стигнува до мене, и  ја препраќам до Генералштабот на Армијата, кој всушност е најстручното тело во македонската Армија и кој може да даде проценка дали можеме да одговориме позитивно, и дали евентуално со давање на таа конкретна опрема ќе се наруши борбената готовност на Армијата. Одговорно тврдам дека секоја една одлука која е досега донесена е помината низ оваа процедура, истакна министерката.