– Унапредувањето на соработката во доменот на одбраната, како и учеството на земјите во регионалните иницијативи како платформи за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност беа тема на разговор на денешната работна средба во Скопје меѓу министерката за одбрана Славјанка Петровска и нејзиниот српски колега Милош Вучевиќ.
Министерката Петровска истакна дека одржување на стабилноста во регионот е од приоритетно значење кое се постигнува со отворен дијалог и добрососедски односи, а дека активното учество во регионалните иницијативи за соработка придонесуваат за градење на меѓусебна доверба и разбирање. Петровска додаде дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија суштински ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и ќе ја зголеми соработката во регионот.
На состанокот, информираат од Министерството за одбрана, Петровска и Вучевиќ се согласија дека регионалните иницијативи во кои учествуваат Србија и Северна Македонија – иницијативата СЕДМ, Балканските медицински сили, иницијативата Б-9 на началниците на Генералштаб и Центарот за безбедносна соработка – РАКВИАК, се од заеднички интерес за земјите и ја унапредуваат билатералната соработка.