Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт Департмент, Џејмс Рубин со кого разговарала за штетното влијание на дезинформациите особено имајќи ја предвид безбедносната состојба во регионот и руската агресија врз Украина, како и за начините како Министерството за одбрана ги развива своите капацитети за справување со дезинформации.
„Хибридните закани вклучувајќи ги и дезинформациите имаат за цел да ја намалат нашата општествена отпорност и да предизвикаат внатрешни поделби и недоверба на граѓаните во институциите и нивната ефикасност. Затоа, мораме да имаме здружен пристап кој ги обединува напорите на сите чинители во општеството во соочувањето со овој предизвик“, посочила министерката.
На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска ја поздравила отвореноста на Центарот за глобален ангажман за блиска соработка со институциите во Северна Македонија.
Петровска порачала дека јасно видливо е зголеменото ниво на дезинформации поврзани со поддршката што Северна Македонија ја дава за одбрана на Украина, исто како што тоа било евидентно и во однос на полноправното членство во НАТО.
Во однос на институционалните капацитети на Министерството, министерката истакнала дека одбраната работи континуирано и систематски во развојот на способностите за справување со дезинформации и дека има видлив прогрес во организацијата на системот.
„Министерството е лидер во однос на активната транспарентност зашто на тој начин медиумите преку пристапот до сите информации самостојно можат да ја осознаат и пренесат вистината. Ние сме свесни за штетноста на дезинформациите и затоа ми е задоволство што со заеднички сили ќе најдеме решенија за овој сериозен предизвик“, рекла Петровска на средбата со Рубин.
Специјалниот пратеник Џејмс Рубин ги поздравил напорите на Северна Македонија за развој на капацитетите за справување со дезинформации и изразил подготвеност Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт Департмент да ја поддржи нашата земја со техничка експертиза и искуства. Додал дека информациската и дигитална револуција треба да биде во функција на ширењето на демократијата и вистината, а не да се злоупотребува за поткопување на демократијата и глобалната безбедност.
„Заедничкиот пристап и соработка е најдобриот начин за успешно спротивставување на заканите во информацискиот простор“, нагласил Рубин.
Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата станало збор и за развојот на Регионалниот центар за односи со јавноста кој е НАТО – Партнерски центар, а е во фаза на добивање на институционална акредитација од страна на Алијансата и ќе функционира како НАТО Школа за односи со јавноста.