Спомен обележја ќе има во трите општини за кои јас презентирав иницијатива, а тоа ќе го направи Министерството за одбрана. Презентирањето на иницијативите е само почеток, а не и крај на постапката, изјави за МИА министерката за одбрана Славјанка Петровска, коментирајќи го односот на општина Желино кон дописот на Министерството за одбрана со барањето да се подигне спомен-обележјето на десет убиени во Карпалак пред 22 години. Градоначалникот на општина Желина Блерим Сејдиу рече дека Петровска за изградба на спомен обележјето треба да се обрати до Јавното претпријатие за државни патишта.
„Градоначалникот на општина Желино треба да постапи по иницијативата која е напишана на читлив и јасен начин, каде одредбите од Законот се цитирани од Законот за меморијални споменици и спомен обележја“, рече Петровска.
Таа додаде дека „во услови кога градбите на половина општина се градби без дозвола, не е баш паметно да ми даваш правен совет“.
Во врска со изјавата на градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски дека општина Бутел е подготвена да изгради спомен обележје за осумте бранители, таа вели дека е среќна што го охрабрила градоначалникот на Бутел по две години на функцијата да „ почнете да размислувате за вакви споменици и го охрабрувам да постапи по иницијатива на Министерството за одбрана, наместо да прави популизам од оваа тема“.